
Претседателот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, го изнесе својот став во однос на најавите за намалување на платите на функционерите, посочувајќи дека принципиелно нема противење на таква мерка, но дека мора да се има предвид тежината на одговорноста што ја носат носителите на јавни функции.
Во гостување во емисија на ТВ21, Димитриевски истакна дека постојат позиции на кои се носат одлуки и се потпишуваат документи што повлекуваат и кривична одговорност, поради што прашањето за платите треба да се разгледува пошироко.
Тој воедно нагласи дека неговата материјална состојба не зависи од буџетските средства, посочувајќи дека со приватен бизнис се занимавал уште пред влезот во политиката.
„Јас сум бил задоволен и сум задоволен од платата која ја примам, бидејќи јас од платата не живеам. Се занимавам со приватен бизнис од 1998 година, и поради политиката го оставив тоа. Работев во странство, инвестирав и реинвестирав и од политиката не живеам, и затоа сум слободен секому да му кажам тоа што мислам“, изјави Димитриевски.
