Skip to main content
Македонија

Димитриевски ја поддржува ВМРО-ДПМНЕ: Орце Ѓорѓиевски е добар избор за Скопје

10/07/2025  13:11

Градоначалникот на Куманово и претседател на Движењето За наша Македонија (ЗНАМ), Максим Димитриевски, денеска изрази целосна поддршка за кандидатурата на Орце Ѓорѓиевски за градоначалник на Град Скопје. На прес-конференција одржана во Куманово, Димитриевски истакна дека актуелниот градоначалник на Кисела Вода е еден од најквалитетните градоначалници во државата и дека неговата кандидатура од страна на ВМРО-ДПМНЕ е добар избор за главниот град.

„Колегата Ѓорѓиевски е еден од најквалитетните градоначалници во Македонија. Сметаме дека е добро решение за Скопје и мислам дека е донесена добра одлука. Очекувам дека ќе ја добие поддршката од скопјани уште во првиот круг“, изјави Димитриевски, одговарајќи на новинарско прашање дали кандидатурата е прифатлива за ЗНАМ.

Претседателот на ЗНАМ посочи дека неговата партија е во финална фаза на разговори со коалициските партнери, меѓу кои и ВМРО-ДПМНЕ, за заеднички настап на претстојните локални избори. Тој истакна дека ЗНАМ располага со кадри кои имаат личен углед и професионален капацитет, подготвени да понудат конкретни решенија за горливите локални проблеми на граѓаните.

„Сите кандидати на ЗНАМ ќе бидат предложени и поддржани таму каде што ќе постигнеме договор со нашите коалициони партнери во Владата, со заемна поддршка на кандидатите. Во кои општини ќе биде тоа – ќе соопштиме во следниот период по завршување на преговорите“, рече тој.

Димитриевски најави и дека ЗНАМ ќе настапи самостојно со свои листи за советници, а дека веќе следува постапката за евидентирање и официјално кандидирање на кандидатите за градоначалници.

„Очекуваме ЗНАМ да има поголем број кандидати на територија на целата држава, не само во општини како Куманово и Центар“, додаде тој.