
Со Предлог ребалансот на Буџетот за 2025 година, што го усвои денеска Владата, инфлацијата, која што на почетокот на годинава регистрираше нагорен тренд, се очекува понатаму да се стабилизира и е проектирана на ниво од 2,8 проценти. Проекцијата за инфлацијата, според министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, се темели на очекувањата за доследна примена на Законот за нефер тргоски праткики кој треба да спречи неоправдано зголемување на цените, особено кај основните прехранбени производи.
Во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата за ребалансот, Димитриеска Кочоска рече дека се следи состојбата со цените и најави дека во следниот период ќе бидат објавени мерки кои, како што вели, можеби не значат директна финансиска поддршка, но ќе помогнат да се зголеми конкуренцијата во делот на домашното производство.
– Во однос на инфлацијата, да, и тоа го дискутиравме денес, бидејќи малку благо ја зголемуваме инфлацијата заради првата половина од годината очекуваме можеби одредени промени во делот доколку има зголемување на цената, а следиме дека има одреден ризик заради нафтата и берзанските, но ја следиме состојбата многу внимателно. Во исто време Министерство за труд и економија ја следи многу вимателно состојбата и со цените кај прехранбените производи и правиме напори во период што следи ќе објавуваме и други мерки кои што можеби не значат директна финансиска поддршка, но ќе помогнат да ја зголемиме конкуренцијата во делот на домашното производиство со цел да ги намалуваме овие ефекти. Секако, остакнува фактот Министерството за економја и особено Државниот пазарен инпспекторат, тие се постојано на терен, доколку има повторно некое заострување или зголемување на цените секако дека ќе следат и мерки, рече Димитриеска Кочоска.
Со ребалансот, проекцијата на БДП останува на 3,7 проценти, исто како и буџетскиот дефицит и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4 проценти од БДП.
Вкупните приходи со ребалансот се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари или за околу 1 процент повеќе во однос на Буџетот, односно за околу 3,5 милијарди денари, а вкупните расходи на 403,7 милијарди денари и исто така бележат раст од околу 1 процент, односно за околу 3,5 милијарди денари како и на приходната страна.