
Фискалната консолидација, подобрување на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност остануваат основни цели на фискалната политика за периодот 2026-2030 година, кои како основни насоки се содржани во Фискалната стратегија 2026-2030 година, подготвена од Министерството за финансии и којашто денеска е усвоена во Собранието.
Фискалната стратегија ги дава среднорочните насоки и цели на фискалната политика, основните макроекономски проекции, износите за главните категории проценети приходи и расходи, како и проекциите за буџетскиот дефицит и долгот. Односно, претставува смерница на фискалната политика на среден рок.
„Фискалната консолидација останува приоритет на Министерството за финансии со цел понатамошна макроекономска стабилност и поддршка на економијата за остварување повисоки стапки на економски раст. Остануваме посветени на дисциплинирана фискална политика и управување со јавните средства, ефикасна наплата на приходите, намалуање на сивата економиија, одржување високо ниво на капитални расходи и континуирана поддршка на економијата преку капитални инвестиции.
Фискалната стратегија води кон намалување на буџетскиот дефицит и економски развој, односно очекуваме постепени и во континуитет буџетскиот дефицит да се намалува и да достигне ниво под 3% согласно фискалните правила“, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Таа додава дека останува определбата за зголемена транспарентност и отчетност во јавните финансии, со цел унапредување на ефикасноста на буџетските расходи.
Со Стратегијата се задржуваат ниските даночни стапки и даночна политика насочена кон одржлив економски раст и развој и обезбедување правна сигурност за даночните обврзници и редовна наплата на јавните приходи.
На среден рок од фискалните проекции се очекува зачувување на макроекономската стабилност и на фискалната одржливост со што ќе создадат поповолни услови за динамизирање на економската активност, активна и одговорна фискална политика во функција на економски раст, дисциплинирана буџетска потрошувачка преку ефикасно искористување на средствата и реализација на зголемени перформанси од работењето со подобрен квалитет на јавните услуги, реализација на капиталните расходи и на инфраструктурните проекти во приоритетните области, во согласност со владините политики, кои ќе генерираат позитивни ефекти врз економскиот раст на среден рок.