
Дигиталниот свет ветуваше поврзување и зајакнување – но за милиони жени и девојчиња, тој стана свет на злоупотреба. Дигиталното насилство се шири со алармантна брзина поттикнато од вештачката интелигенција, анонимноста и отсуството на ефективни закони и одговорност. Сега се протега на секој агол од интернетот – од онлајн вознемирување и сајбер демнење до „доксинг“ (злокументирање), споделување фотографии без согласност, дипфејкови, и дезинформации – што се користат како оружје за замолчување, засрамување и заплашување на жените и девојчињата.
Според податоците на Светската банка, помалку од 40 проценти од државите имаат закони што ги штитат жените од сајбер вознемирување или сајбер демнење. Поради ова, 44 проценти од жените и девојчињата во светот – 1,8 милијарди – се оставени без пристап до правна заштита, пишува во соопштението на UN Women – Македонија.
Жените на лидерски позиции, жените во бизнисот и политиката се соочуваат со дипфејкови, координирано вознемирување и родово базирани дезинформации чија цел е да ги натераат да ги напуштат социјалните мрежи и платформи или целосно да го напуштат јавниот живот. Една од четири жени новинарки во светот пријавува онлајн закани за физичко насилство, вклучително и закани со смрт.
„Она што започнува онлајн, не останува онлајн. Дигиталната злоупотреба се прелева во реалниот живот и шири страв, ги замолчува гласовите и – во најлоши случаи – доведува до физичко насилство и фемицид“, вели извршната директорка на UN Women, Сима Бахус. „Законите мора да се унапредуваат заедно со технологијата за да може правдата постојано да ги штити жените и онлајн и офлајн. Поради слабата правна заштита милиони жени и девојки се во ранлива ситуација, а сторителите поминуваат неказнето. Ова е неприфатливо. Преку својата кампања ,16 дена активизам’, UN Women повикува на свет во кој технологијата служи за еднаквост, а не за штета.“
Пријавувањето на онлајн злоупотреба и насилство и понатаму е на ниско ниво, правосудните системи не се соодветно подготвени, а технолошките платформи сносат мала одговорност. Порастот на злоупотреба генерирана од вештачка интелигенција само ја продлабочи неказнивоста преку границите и платформите. Но, постојат знаци на напредок. Законите почнуваат да се развиваат за да одговорат на предизвиците што ги носат технолошките промени: од Законот за онлајн безбедност на Обединетото Кралство до Леј Олимпија на Мексико, Законот за онлајн безбедност на Австралија и Законот за дигитална безбедност на ЕУ , почнуваат да се спроведуваат нови реформи. Од 2025 година наваму, 117 држави известуваат дека презеле напори за справување со дигиталното насилство, но напорите се фрагментирани за транснационален предизвик од ваков тип.
UN Women повикуваат на:
Глобална соработка за да се обезбеди дека дигиталните платформи и алатките за вештачка интелигенција ги исполнуваат безбедносните и етичките стандарди.
Поддршка за жртвите на дигитално насилство преку финансирање на организации за права на жените.
Одговорност на сторителите преку подобри закони и нивно спроведување.
Поголема одговорност на технолошките компании преку вработување повеќе жени за да создадат побезбедни онлајн простори, брзо отстранување на штетна содржина и навремено реагирање на пријави за злоупотреба.
Инвестиции во превенција и промена на културата преку дигитална писменост и обука за безбедност на интернет за жени и девојчиња, како и програми насочени против токсичните онлајн култури.
Феминистичкото застапување придонесе за глобално признавање на дигиталното насилство како закана за основните човекови права на жените, поради што државите му даваат сѐ поголем приоритет и преземаат мерки против него. Сепак, намалувањето на граѓанскиот простор, заедно со досега незабележаните кратења на финансирањето и отпорот кон феминистичките движења, се закануваат да ги поткопаат децениите напредок. Во овој контекст, иницијативите како што е програмата „АКТ за ставање крај на насилството врз жените и девојчињата“, финансирана од ЕУ, се поважни од кога било досега за поддршка на феминистичките движења во нивниот притисок за правда.
Овогодинешната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“ повикува на итна глобална акција за затворање на правните јазови и повикување на одговорност на сторителите и технолошките платформи. Како поддршка на владите и креаторите на политики, UN Women воведе две нови алатки – Додаток на Прирачникот за законодавство за насилство врз жени за насилство врз жени и девојчиња извршено со злоупотреба на технологија и Водич за полиција за постапување по насилство извршено со злоупотреба на технологија, што ги надополнува претходните упатства за полицијата за постапување по насилство врз жени и девојчиња од Прирачникот за родово одговорни полициски услуги за жени и девојчиња кои се подложени на насилство – и дава практични дополнителни упатства за превенција и одговор. Додека дигиталниот простор не стане безбеден за сите жени и девојчиња, вистинската еднаквост ќе остане недостижна, во целиот свет.
За кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“
„16 дена активизам против родово базирано насилство“ е глобална кампања предводена од UN Women во рамките на иницијативата UNiTE за ставање крај на насилството врз жените. Се одржува секоја година во периодот од 25 ноември до 10 декември и го поврзува Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените со Денот на човековите права.
Во кампањата за 2025 година се става акцент на ставањето крај на дигиталното насилство врз сите жени и девојчиња – една од најбрзо растечките форми на злоупотреба во светот. Дигиталното насилство вклучува онлајн вознемирување, демнење, родово базирани дезинформации, дипфејкови и споделување интимни фотографии без согласност, а сите овие форми нагло се зголемуваат со напредокот на технологијата.
Кампањата UNiTE за 2025 година ги повикува владите, технолошките компании и заедниците да дејствуваат веднаш – да ги зајакнат законите, да ја прекинат неказнивоста и да бараат одговорност од платформите. Кампањата повикува на одржливи инвестиции во превенција, дигитална писменост и услуги за жртвите. Покрај тоа, повикува на долгорочна поддршка на организациите за права на жените што ги предводат напорите за безбедни и инклузивни дигитални простори.
За Програмата АКТ
Програмата за застапување, градење коалиции и трансформативна феминистичка акција (АКТ) претставува пресвртница во заложбите на Европската комисија и UN Women како соводачи на Акциската коалиција за родово базирано насилство, во соработка со Фондот на ОН за ставање крај на насилството врз жените. Заедничката агенда за застапување на AKT ги подигнува приоритетите и ги засилува гласовите на феминистичките движења за права на жените и обезбедува рамка за соработка со акцент на заедничките приоритети, стратегии и акции.

