Skip to main content
Македонија

„Дигитални деменции“ – И возрасните луѓе ќе ги намалуваат способностите поради премногу гледање во телефонските екрани

05/01/2025  11:33

Претераното користење мобилни телефони и следење на содржини преку екраните во иднина ќе влијае за зголемување на таканаречената дигитална деменција односно намалување на когнитивните способности на поединците поради преголемото потпирање на технологијата и неможноста да се разликува реалниот и нереалниот свет, вели во разговор за МИА, доцент д-р Даниела Воитикив Самоиловска, декан на Факултетот за здравствени науки при УЈИЕ.

Таа посочува дека оваа таканаречена дигитална деменција, која веќе се проучува во западноевропските земји, се однесува за возрасните лица кои премногу користат мобилни телефони, па се соочуваат со зголемена опасност во иднина да се соочат со интензивирана појава на состојбата наречена деменција која се карактеризира со повеќе болести кои негативно влијаат на меморијата, размислувањето и способноста за извршување на секојдневните активности кај човекот.

И сега деменцијата е една најчестите дијагнози денес во невролошките амбуланти, па затоа смета дека е важно јавноста да се предупреди за негативните последици од долготрајното изложување на дигиталните екрани.

– Се соочуваме со нов облик на нарушувања и когнитивно страдање за кое не знаеме дали е болест или реалност на која треба да се навикнеме. Дигиталната деменција е особено обработена од Манфред Шпицер, кој го препорачувам со неговото дело „Како ние и нашите деца го губиме умот“. Дури во 2012 година овој психијатар со германско потекло говори за тоа дека ќе дојде до значително намалување на когнитивните способности кај поединците поради преголемо потпирање на технологијата и неможност да се разликува реалниот и нереалниот свет. Тоа е токму тоа што ни се случува, објаснува д-р Воитикив Самоиловска.

Таа посочува дека кога човек „скрола“ (прелистува) на екраните и на социјалните медиуми се активира левата мозочна хемисфера на мозокот што е одговорна за логично размислување, читање, пишување и анализа. Но, само со прелистување на содржините на интернет, според докторката, не доаѓа до анализа и размислување, туку само се „бомбардира“ левата хемисфера со многу информации и слики кои не ни може да постигне да ги анализира.

– Десната хемисфера која е задолжена за емоциите, имагинацијата и креативноста, притоа воопшто не се активира што значи дека нема пренос на импулс и од левата на десната хемисфера. И доколку тоа трае со часови, а се случува луѓето да бидат на социјалните мрежи и подолго од еден час, два-три часа. Некои тоа го прават заради забава, некои го прават заради работа. Тогаш доаѓа од сериозно блокирање на преносот на импулси помеѓу хемисферите. Тоа ќе се одрази со намалена функција на значајни делови од кортексот, односно кората на големиот мозок, а некористењето на овие центри ќе доведе до изумирање на мозочните клетки. Всушност научно е докажано дека прекумерната изложеност на екраните воопшто не ни помага, туку напротив доведува до низа негативни ефекти на мозокот. Ова се случува кај возрасните луѓе. За децата можеби друг пат да зборуваме кај нив секако дека овој процес доведува неразвивање на когнитивните функции и до тенок кортекс, односно појава на низа проблеми во развојот, објаснува тетовската докторка, специјалист невролог.

Според неа, студии за оваа појава покажуваат дека просечното време на изложеност на екраните оди над три часа. Препораките за геријатриската популација е континуирана изложеност на екраните да не биде подолга од два и пол часа. Сепак со оглед дека светската популација старее, семејствата, општествата и светот во целина ги очекува и нов предизвик во превенција и лекување на деменцијата, но не само со лекарства, туку и во насока на промена на животниот стил.

-Во случај, кога на крај доаѓа до потреба за лекување на деменцијата, суштински би кажала дека тоа треба да е мултидисциплинарен пристап кој не треба да се заснова само на таблети кои му ги даваме на пациентот. Во Европа и во светот, тука е вклопен цел тим на специјалности. Ние за жал, немаме моментално таков високо специјализиран организиран систем за згрижување на овие пациенти. Кај нас сите знаеме дека грижата се сведува на згрижување во домот, каде што негувателот најчесто е некој женски член на семејството. Пораката е дека невропсихијатриските специјализирани сестри и неврогеријатриски домовите за нега ќе бидат нови предизвици на здравствените системи на светот па и на Македонија. Се надевам дека ние ќе ги следиме светските трендови, вели д-р Даниела.

Когнитивен тренинг односно „раздвижувањето на импулсите“ е препораката на д-р Даниела Вотикив Самоиловска, која вели дека за тоа не треба ниту специјализирана установа како на запад, каде има специјализиран клиники за неврокогнитивен тренинг. Се советува одржување на социјална активност на возрасната популација со социјални контакти и дружења, хоби, излети, здружување и сè што може да придонесе на секојдневно ниво возрасните луѓе да имаат поактивен социјален живот.

– Секако дека редовно решавање на крстозборки, читање на книги, играње на шах, исто така претставува когнитивен тренинг за протективна/заштитна улога кај повозрасната популација. Можеме да влијаеме на мотивирачките фактори на ризик, со што и те како може да се стопира брзата прогресија на болеста. Се советува модификација на стилот на живот со еден баланс, воведување на редовна физичка активност, со корекција и минимизирање на внесот на алкохол, со регулирање на хипертензија, регулирање на дијабетот, овозможување на нормален циклус сон и будност, односно поправање на несоницата и така натаму, советува д-р Даниела.