Skip to main content
Свет

Деветти ден протести во Иран

05/01/2026  17:28

Протестите во Иран продолжуваат и деветти ден по ред поради тешката економска состојба, а според активистите, демонстрации се одржуваат во 26 од вкупно 31 провинции. Насобраните граѓани извикуваат пароли „Смрт на диктаторот“, „Пахлави се враќа“ и „Слобода, слобода, слобода“. Активистите тврдат дека во судирите со безбедносните сили досега загинале најмалку 19 демонстранти. На случувањата реагираше и американскиот претседател Доналд Трамп, кој ги предупреди иранските власти на последици доколку има нови жртви.

„Многу внимателно ја следиме ситуацијата. Ако почнат да убиваат луѓе, како што правеа и оретходно, мислам дека САД многу силно ќе нападнат“, истакна Трамп.

Во меѓувреме, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи го обвини Израел дека се обидува „да го потткопа иранското национално единство“, додека претседателот на Парламентот, Мохамад Бакер Калибаф, порача дека „легитимните барања“ на демонстрантите треба да бидат слушнати, но предупреди дека обидите за злоупотреба на протестите ќе бидат спречени. Поддршка за демонстрантите на 31 декември изрази и израелската разузнавачка служба Мосад.

„Излезете заедно на улиците. Дојде време. Ние сме со вас. Не само од далечина или преку зборови. Ние сме со вас на терен“, објави Мосад на платформата Икс.

Протестите започнаа на 28 декември во Техеран поради наглата девалвација на риалот и високата инфлација, а подоцна се проширија и во други градови. Ова се најголемите немири во земјата од 2022 година, кога следуваа масовни протести по смртта на Махса Амини.