![](https://24info.mk/wp-content/uploads/2025/02/berlinale2024call.webp)
Во Берлин утре почнува 75. Меѓународен филмски фестивал „Берлинале“. За главната награда „Златна мечка“ за најдобар филм се натпреваруваат 19 остварувања од целиот свет. Фестивалот ќе го одбележи првото издание со Триша Татл на чело. Татл ги замени поранешните двојни директори на фестивалот Карло Чатријан и Мариет Рисенбек. Татл беше последен шеф на Лондонскиот филмски фестивал на BFI.
Новата шефица на Берлинале сака да го врати гламурот и да ја намали драмата
Инаку, десетдневната свеченост ќе биде отворена со домашниот воннатпреварувачки филм „Светлина“ (Das Licht), на германскиот режисер Том Твикер, којшто ќе биде претставен со специјална гала-вечер. Американскиот режисер Тод Хејнс ќе претседава со годинешното жири, додека за првпат фестивалската програма ќе ја води Триша Татл, која ќе ги претстави новите филмови во натпреварувачкиот дел. Фестивалот во германскиот главен град ќе трае до 23 февруари, се наведува на официјалната интернет-страница.
Лусил Хаџихалиловиќ ќе ја претстави својата драма „Ледена кула“ (La Tour de glace), каде што главната улога ја толкува француската актерка Марион Котијар.
Во филмот „Сина Месечина“ (Blue Moon) на американскиот режисер Ричард Линклејтер глумат Итан Хоук и Ендрју Скот.
Романскиот режисер Раду Жуде се враќа на фестивалот со „Континентал ’25“ – мрачна комедија за станбената криза и подемот на ксенофобијата и шовинизмот.
Единствениот дебитантски филм во натпреварувачкиот дел ќе биде „Жешко млеко“ (Hot milk) на британската режисерка Ребека Ленкиjевич – адаптација на романот на Дебора Леви којшто ја истражува комплексноста на мајчинството. Во тој дел, годинава има само еден документарен филм – „Времеплов“ (Стрічка часу) на украинската режисерка Катерина Горностај. Нејзиниот последен филм е хроника за воспитувачите и наставниците за време на војната.
Јужнокорејскиот режисер Хонг Санг-су доаѓа ќе го претстави својот осми филм – „Што ти вели таа природа“. Овој филмаџија веќе има освоено четири „Сребрени мечки“ последниве пет години.
Од 19 филмови во натпреварувањето, осум се режирани или со-режирани од жени, наспроти шесте лани. Берлинскиот фестивал се одликува со посветеноста на различностите и еднаквоста. Во 2019 година, организаторите ја потпишаа Повелбата за еднаквост и различност, обврзувајќи се на поголема транспарентност во изборот на филмови и на состав на нивните управни тела.
Во воннатпреварувачкиот дел ќе биде прикажана и научно-фантастичната црна комедија на Бонг Џун-хо „Мики 17“. Ова е негов прв филм на „Берлинале“ по „Паразит“ којшто му го донесе и престижниот „Оскар“.
Фестивалот ја доделува „Златната мечка“ за најдобар филм, „Големата награда“ на жирито, како и „Сребрени мечки“ за најдобар режисер, глумец, глумица, сценарио и филмска музика. Основан е во 1951 година и, од 1978., се одржува редовно секоја година во февруари. Секоја година, фестивалот е домаќин на околу 20.000 претставници на филмската индустрија од 120 земји и продава околу 330.000 влезници, што го прави најпосетениот ваков настан во светот.
„Златната мечка“ лани отиде кај филмот „Дахомеј“ на француско-сенегалскиот режисер Мати Диоп.