Skip to main content
Македонија

„Детонатор“ се враќа? Новиот закон ги затвора легалните, но отвора простор за нелегалните игри на среќа

18/07/2025  14:32

Подзаборавената полициска акција „Детонатор“, што започна од Источна Македонија, но се прошири низ целата територија на државата, откри не само криминална група што нелегално се занимавала со лихварство, изнуда, па дури и организирање на убиства, туку и мрежа на локали што нелегално приредувале игри на среќа.

Во „Детонатор“ беа пронајдени и запленети околу 1000 покер апарати, флипер апарати, маси за рулет и други средства за коцкање поставени во повеќе од 30 локали во повеќе градови во државата кои биле целосно невидливи за институциите на системот.

Откривањето на оваа мрежа тогаш ја разобличи и неефикасноста на институциите, беа разрешени 13 полициски началници, а јавноста доби потврда дека кога легалноста е маргинализирана, криминалот цвета.

Опасноста да се случи нов „Детонатор“ повторно се наметнува откако Владата деновиве го усвои новиот предлог-закон за игрите на среќа и за забавните игри, кој според познавачите е целосно рестриктивен за легалните приредувачи на игри на среќа на кои им се заканува ограничување, па дури и затворање што ќе ја отвори вратата за нелегалните приредувачи на игри на среќа.

Новиот предлог-закон претставува стара опасност и наместо да ги таргетира нелегалните оператори, предвидува сериозни ограничувања за оние што работат транспарентно и под строг надзор на повеќе државни органи како Министерството за финансии, Министерството за дигитална трансформација, Управата за јавни приодни и други. Забрана за рекламирање, забрана за близина до училишта, ограничувања за просторен распоред се дел од мерките предвидени во новиот закон, а кои не се базираат на анализа на реалните ризици, туку создаваат терен за непланирани последици, велат познавачите на индустријата.

Искуството покажува дека кога легалните приредувачи се потиснуваат преку рестрикции, пазарот на игри на среќа не исчезнува туку се преместува во „дупки“. Со тоа, се ограничува способноста на државата за реална и ефикасна контрола и се зголемува опасноста до нерегулираните места пристап да имаат и малолетниците кои сега се целосно заштитени поради нивниот строго забранет влез во легалните објекти на игри на среќа. Покрај тоа, сивата економија ќе нема контрола, а со тоа и прибирањето на приходи во буџетот од страна на државата. Со затворање на лиценцирани објекти, државата губи милиони евра од даноци и такси, а работните места се уништуваат.

Секој чекор што ја ограничува легалната индустрија е можност за сивата економија да го заземе нејзиното место од што последиците ќе ги платат сите и граѓаните и државата и бизнисот.