Skip to main content
Македонија

Дете под 5 години најмлад корисник на дрога

30/05/2025  15:02

Министерството за внатрешни работи (МВР), од 30 институции во период од 2023 год. и средина на 2024 год. избројало 130 деца, корисиници на дрога.

Најмладиот евидентиран корисиник во Македонија кој зема дрога, е под 5-годишна возраст, соопшти денеска Васка Бајрамовска-Мустафа која го раководи Одделот за правата на децата кај Омбудсманот. Таа изјави дека првата употреба на дрога започнува на многу рана возраст, а ова е второ вакво истражување воопшто во Македонија.

Од она што таа го презентираше, голема е бројката на сѐ помалите деца кои земаат дрога (најчесто марихуана, амфетамини, екстази, но и кокаин и хероин), а истовремено Македонија нема ниту една специјална институција за лекување, одвикнување, третман и помош на деца кои конзумираат дрога и психотропни супстанции.

„Според податоците добиени од Воспитно-поправниот дом ‘Тетово’ во Волковија, таму на воспитни мерки се и деца и младинци кои се зависници од дрога. Има и такви со хероин на фолија. Од ВП домот одговорија дека практично таму и нема процес на одвикнување. Вработените немаат ни обука за такво нешто. Децата-зависници се ‘одвикнуваат’ во кругот на Домот со спортски активности“, кажува Бајрамовска-Мустафа колку е страшна состојбата со децата-зависници оставени генерално сами на себе во оваа држава.

На новинарско прашање, Бајрамовска-Мустафа одговори дека во Домот за штитеници, не смее да се дава метадонска терапија, како на зависниците во затворите за полнолетни лица, па оттаму никој не знае како персоналот се справува со спортски активности за време на тешките кризи за дрога што таму ги доживуваат децата-зависници упатени на воспитно-поправни мерки во затворен систем.

Дури и кога дете застапувано од старатели или невладини организации ќе добие пресуда пред Граѓански суд за дискриминација и за повреда на правото на третман и лекување на деца кои користат дроги и други психоактивни супстанции, Министерството за здравство не ја спроведува пресудата, што е кривично дело.

Сѐ уште нема превенција и рано откривање на деца-корисници на дроги, нема центри за рехабилитација, нема дури ни во Универзитетската клиника (Детска клиника).

На овој проблем во Македонија засега се посветени само Европската унија и Народниот правобранител. ЕУ го финансираше ова истражување, а резултатите треба да им бидат доставени на Министерството за здравство, за Труд и социјала, на центрите за социјална работа, на Детската клиника и здравствените институции, на МВР и на Министерството за правда.

Анализата покажала дека во 2023 година најмногу деца кои користат дрога биле Албанци, а во 2024 година Македонци.