Skip to main content
Македонија

Дескоска избрана за потпретседателка на Венецијанската комисија

13/12/2025  11:33

Професорката на Правниот факултет во Скопје, Рената Дескоска, е избрана за потпретседателка на Венецијанската комисија.

Таа, преку својот фејсбук профил информира дека изборот го сфаќа како признание за својата активност и за досегашниот придонес во работата на Комисијата.

„Денеска сум избрана за потпретседателка на Венецијанската Комисија, која ја одржува својата 145та сесија на 12 и 13 декември во Венеција. Во текот на вчерашниот ден за нова претседателка на Венецијанската Комисија е избрана Марта Картабија, професорка по уставно право и поранешна министерка за правда во Италија. Денеска се избрани тројца потпретседатели на Венецијанската Комисија: јас, Ерик Холмовик од Норвешка и Тимоти Оти од Обединетото Кралство. Среќна сум за тоа што сум првата потпретседател/ка на Венецијанската Комисија која потекнува од Македонија, но исто така и која потекнува од земја која не е членка на ЕУ или од било која од земјите кои произлегоа од поранешна Југославија. Денешниот избор го сфаќам како признание за мојата активност и досегашен придонес во работата на Венецијанската комисија. Досега учествував во изработката на 14 мислења за различни земји, кои ги презентирав на пленарните седници и кои едногласно беа усвоени. Воедно како претставник на Венецијанската комисија учествував и во повеќе мисии и конференции. Денешниот избор е обврска повеќе да продолжам со мојот ангажман на промоција на европските стандарди во областа на демократијата, човековите права и владеењето на правото, наведува Дескоска и изразува благодарност до сите што ја поддржале на овој пат“ се наведува во објавата на Дескоска.

Дескоска своевремено беше и министерка за правда во владата предводена од Зоран Заев.