Skip to main content
Хроника

Десетмесечно бебе затруено со лекови, втор случај за две недели во Куманово

29/07/2025  15:28

Десетмесечно бебе од Куманово вчера било донесено во Општата болница Куманово со симптоми на труење со лекови, потврдија денеска од Секторот за внатрешни работи Куманово.

„На 28 јули 2025 година, во 11:40 часот, во СВР Куманово било пријавено од страна на Општата болница Куманово дека кај нив било донесено десетмесечно бебе со симптоми на труење со лекови“, информираат од полицијата. Извршен бил службен разговор со лекарот и родителите, а за случајот бил известен и јавен обвинител.

Од болницата за агенцијата МИА потврдуваат дека бебето е во стабилна и добра здравствена состојба.

Случајот е втор по ред во период од помалку од две недели. Имено, на 22 јули годинава, едногодишно дете од селото Отља, општина Липково, исто така било хоспитализирано поради труење со лекови.

СВР Куманово продолжува со истрагата и расчистување на околностите под кои дошло до труењето.