Skip to main content
Македонија

Десет полицајци фатени во измама со патни трошоци – украле над 1 милион денари од буџетот на МВР!

01/04/2025  15:16

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против десет полициски службеници од Единицата за брзо распоредување. Станува збор за К.Ѓ., Г.Д., Н.С., И.Г., Д.Д., Д.Д., Н.М., С.С., З.Т. и Д.Т., кои се товарат за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, казниво по член 353 од Кривичниот законик.

Пријавените, со намера за себе да стекнат противправна имотна корист, ја злоупотребиле можноста за надомест на патни трошоци. Тие, иако по лична карта биле заведени со адреса надвор од Скопје, примале парични средства за денови во кои не патувале од своето место на живеење до работното место и обратно.

Според истрагата, во периодот од 1 декември 2023 до 17 септември 2024 година, на овој начин бил оштетен буџетот на Министерството за внатрешни работи во износ од 1.098.120 денари.

Освен кривичната пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, Одделот за внатрешна контрола најави дека за пријавените ќе биде поднесен и предлог за поведување на дисциплинска постапка.

Министерството за внатрешни работи нагласува дека ќе продолжи со засилени контроли и дека нема да има толеранција за злоупотреби на службената положба, особено кога станува збор за финансиски средства кои се одвојуваат од државниот буџет.