Skip to main content
Балкан

Десет од 21 обвинет се виновни за пожарите во близина на Атина пред седум година 

03/06/2025  11:08

Десет од 21 обвинет се прогласени за виновни за катастрофалните пожари во јули 2018 година во населбата Мати во источниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, во кој загинаа 104 лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Во Апелацискиот суд во Атина утрово започна последното рочиште од судскиот процес на втор степен по поднесената жалба од обвинителот за првостепената пресуда и беа соопштени пресудите за обвинетите.

За разлика од првостепената одлука кога беа прогласени за виновни шест лица, денеска за десет обвинети беше соопштено дека се виновни, пресуда што предизвика низа негативни реакции кај присутните во судницата, односно кај семејствата на загинатите.

„Срамота“; „Жртвите се виновни“; „Пародија е ова“, беа дел од реакциите на присутните.

Рочиштето продолжи со приговорите од адвокатите, по што беше прекинато и ќе продолжи утре со одлуката на судот за висината на казните.

Во речиси исполнетата судница, присутни се семејствата и роднините на загинатите во катастрофалниот пожар, но и преживеаните, а на почетокот на судењето на присутните им беа поделени бели ружи во спомен на загинатите.

Пред судот, црни балони и пораката „Гориме 23 јули 2018“.

Во првостепената пресуда од лани, 15 обвинети беа ослободени, а шестмина добија петгодишна затворска казна што можеа да ја откупат за околу 40.000 евра.

Тогаш осудени беа поранешниот началник на противпожарната служба, неговиот заменик, како и други функционери од службата кои биле на клучни позиции, а меѓу оние кои беа ослободени беа тогашниот генерален секретар за цивилна заштита, префектот на периферијата Атика, како и градоначалниците на општините зафатени од пожарот.

Во пожарите кај Мати во јули 2018 година, што еден од најкатастрофалните во современата грчка историја, но и вториот пожар во светот во 21 век со најголем број жртви. загинаа 104 лица, 57 се здобија со сериозни изгореници.