
Со дерби натпреварот меѓу Шкендија и Вардар попладнево ќе биде комплетирано 10. коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ).
Актуелниот шампион Шкендија го пречекува најтрофејниот македонски клуб по историскиот триумф над Шелбурн минатата недела во Конференциската лига и со амбиција да го искористи саботниот пораз на Струга од АП Брера и со триумф да го преземе водството на табелата.
Играчот на Шкендија Арбин Зејнулаи пред пресметката со Вардар, попладнево од 13:30 часот на Градскиот стадион во Тетово рече дека домашниот тим е максимално фокусиран и подготвен да дојде до посакуваните бодови.
„Зад нас е историски натпревар во Европа, а после победата бевме многу среќни. Сепак, фудбалот не завршува туку веднаш мораме да се фокусираме кон следните предизвици. Сега на ред е мечот со Вардар, и затоа немаме многу време за славење. Мораме да се фокусираме кон следниот предизвик, а следниот меч за нас е дерби. Вакви дербија мора да се добијат, и ние сме максимално подготвени. Шкендија има амбиции да биде шампион, и кога тоа е целта, тогаш мора на секој натпревар императив да ни бидат трите бода. Што се однесува до дербито, само ќе кажам дека вакви дербија не се играат, туку се добиваат“, изјави Зејнулаи за сајтот на ФФМ.
Шкендија е четвртопласирана на табелата со 21 бод, колку што има и Вардар на второто место, два помалку од лидерот Струга.

