Skip to main content
Македонија

Денеска завршува кампањата, утре молк, задутре гласање

17/10/2025  10:02

Денес е последниот дваесетти ден од предизборната кампања за локалните избори закажани за 19 октмври.

Три недели партиите, коалициите и независните на различни начини до гласачите ги нудеа своите програми и визии за општините и Градот Скопје.

Општ впечаток е дека зад нас имавме прилично стерилна, неинвентивна кампања која се повторува последните изборни циклуси без разлика дали се локални или парламентарни избори.

За подобрување на таквиот впечаток не помогна ни фактот што на овие избори има рекордна понуда на кандидати за градоначалници и советници.

Сепак, во 21 општина, меѓу нив од поголемите се Штип, Крива Паланка и Валандово, на гласачкото ливче ќе има само двајца кандидати за градоначалници, па оттука големи се шансите градоначалникот да биде избран во првиот круг.

Најголема е понудата за Град Скопје каде на ливчето ќе има 17 кандидати за градоначалници и 20 листи за советници.

Покрај Скопје во фокусот на интересот на јавноста ќе бидат и општините Карпош каде Стевчо Јакимовски се бори за петти мандат, потоа Центар и Куманово каде ќе има директна битка меѓу СДСМ и ЗНАМ, но и во Струмица, каде опозициската СДСМ се бори да го одржи својот бастион.

Во албанскиот електорат вниманието најмногу го привлекува општина Чаир каде влоговите на ДУИ и ВРЕДИ се најголеми, а дефинитивно интересно ќе биде и во Тетово, Струга и Кичево.

По завршување на кампањата, вечерва на полноќ стапува на сила предизборниот молк.

Утре гласаат затворениците, како и болните и изнемоштени лица, а во недела е изборниот ден.

Избирачките места отвораат од 7 часот, а гласањето трае до 19.00 часот.

Првичните резултати се очекуваат некаде по 22.00 часот.