Skip to main content
Живот

Денеска се слават Светата маченичка Серафима и Светиот маченик Калиник

11/08/2025  09:50

Девојка по потекло од Антиохија. Живееше во Рим, во домот на една сенаторка Савина, која и ја приведе кон верата во Христа. Кога еден мачител на христијаните по име Вирил слушна за неа, нареди да му ја донесат. Пред него Серафима остана непоколеблива во верата, па тој нареди и ја фрлија во затвор, а потоа и испрати некои момчиња за да преноќат со неа и да ја осквернат.

Кога момчињата дојдоа пред затворската врата, Серафима Му се молеше во затворот на Бога. Пред вратата одеднаш застана пред нив Ангел Господов со меч во рацете и тие паднаа како мртви, сосем несвесни и раслабени. Утредента мачителот ја замоли Серафима и таа со молитва ги врати во свест. Бидејќи сево ова го припиша на магии, Вирил нареди, та оваа света девица најнапред ја гореа со свеќи, а потоа ја тепаа со стапови. А додека ја биеја, едно парче од стап отскокна и го удри Вирил по очите, од што тој ослепе.

Најпосле, на Христовата слугинка ѝ ја отсекоа главата со меч и таа Му го предаде духот на Бога. Благочестивата Савина чесно го погреба нејзиното тело, од кое потече исцеление за многумина. Света Серафима пострада во времето на царот Адријан (117–138).

Денес се празнува и Светиот маченик Калиник

Родум од Киликија. Од малечок воспитан во христијанското благочестие. Остави се и тргна да го проповеда Евангелието. Во Анкира беше фатен од некој незнабожечки кнез Сакердон. Кога кнезот му се закани со грозни маки доколку не им се поклони на идолите, Свети Калиник му одговори: „Мене секоја мака за мојот Бог ми е добродојдена како леб на гладен“. По страшни истизавања и заплашувања кнезот го обу во железни опинци со внатрешни клинци и нареди да го тераат до градот Гангрски, зашто не смееше веќе да го мачи ниту да го погуби во Анкира, бидејќи мнозина што го гледаа јуначкото трпење на Божјиот човек се обратија во верата Христова. По патот војниците ожеднеа, а немаше вода. Свети Калиник се помоли на Бога и низведе вода од еден камен. Кога пристигнаа во градот Гангрски мачителите го фрлија Свети Калиник во вжарена печка. А светителот Му вознесе молитва на Бога, велејќи: „Ти благодарам, Оче Кој Си на небесата, Кој ме удостои за овој час во којшто за Твоето име умирам“. Потоа влезе во огнот. Кога изгасна огнот го најдоа неговото тело мртво, но неповредено и цело. Чесно пострада и се украси со венец на вечна слава во 250 година.

Тропар
Душата без Љубов животот не го поима, во таква вистина патот ти го помина, о свет мачениче Калиниче, сакајќи да го избавиш човекот од лагата, топли солзи кон Бога пролеваше, и телото да се изгори за сведоштво го предаде, Христос ја прими од тебе жртвата принесена, телото твое го сочува, и ги милува оние кои Го повикуваат преку тебе светото име Негово.