Skip to main content
Македонија

Денеска се полага првиот испит од Државната матура

31/05/2025  10:26

Над 15 000 ученици во завршна година од средното образование денеска ќе го полагаат првиот од двата екстерни испита од годинашната државна матура – мајчин јазик и литература кој е задолжителен за сите матуранти. 

Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), пријавени се 15 004 кандидати.  Од нив, 8816 ученици се од средните стручни училишта, 5.966 од гимназиите и 222 од училиштата за уметничко образование.

За денешниот прв екстерен испит се пријавени 9.969 ученици за македонски јазик, 4339 за албански јазик, 292 за турски јазик и 10 ученици за српски јазик. 

Вториот екстерен испит од државната матура, кој е изборен за учениците, ќе се полага на 11 јуни. Како и во минатите години, и на оваа државна матура најголем број избрале да полагаат англиски јазик (13.457). 

За тестот по математика се пријавиле 1246 ученици, 73 ќе полагаат германски јазик, 24 – француски јазик, 62 – естетика. За тестот по филозофија има седум кандидати, четворица за руски јазик и тројца за италијански јазик. 

За надгледување на испитниот процес, ДИЦ и оваа година ќе ангажира околу 2000 тестатори. 

Испитите ќе се полагаат во училиштата доколку исполнуваат услови согласно Правилникот за организирање државна матура, а за учениците од училишта кои немаат такви услови, обезбеден им е простор во амфитеатрите на факултетите. ДИЦ на веб-страницата ги објави локациите за полагање на државната матура во јунскиот испитен рок.