Skip to main content
Македонија

Денеска ново рочиште за случајот „Онкологија“

10/09/2025  09:30

Денеска во Основниот кривичен суд Скопје треба да продолжи процесот во случајот „Онкологија“ против поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, Нино Васев и тројца онколози обвинети за несовесно лекување пациенти.

Претходно, во овој случај, второобвинетета Мери Пешевска призна вина.

Васев и двајца обвинети Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, сите вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, на минатото рочиште пред Судот негираа вина.

Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска, во воведен говор на минатото рочиште најави дека пред Судотќе изнесе докази дека првообвинетиот Никола Васев свесно и систематски постапувал спротивно на основните начела притоа предизвикувајќи тешко нарушување на здравјето на пациентите.

-Обвинетиот извршил повеќе исти дејствија и со што грубо ги прекршил стандардите и препораките на светските и европски онколошки процедури. Обвинетиот без конзилијарна одлука спроведувал и одобрувал терапии со несоодветно дозирање и аплицирање, и без оценка на перформанс статусот и биохемиски параметри на пациентите. Ќе покажеме дека терапиите биле препишувани дури и кога не биле потребни, а со тоа и штетни, без можност за развивање терапевтски ефект, изјави Гоговска Јакимовска.

Васев, пред Судот рече дека не се чувствува за виновен, и реагираше дека „се дозволило во постапката вешто лице што тој го сменил од директор на Клиниката во 2017 година“. Според неговата одбрана, против Васев се води „некој вид на заговор“ и најави дека во целост ќе се спротивстават и побијат доказите на Обвинителството преку основани и цврсти докази, вклучително и вештачења и вербално сослушување на докторите од Србија и Словенија, кои ги изработиле вештачењата на Обвинителството.