
Со цел непречено одвивање на предвидените активности пред отворањето на годинешниот фестивал „Охридско лето”, СВР Охрид денеска и утре, презема посебни безбедносни мерки. Во делот на сообраќајот, на булеварот „Туристичка”, на булеварот „Македонски просветители” и кејот „Македонија” од кружниот тек кон улиците „Цар Самоил”, „Коста Абраш” „Илинденска”, „Кирил и Методиј” и „Абас Емин” како и кај паркинг просторот кај „Горна Порта” и другите приоди кон Античкиот театар, ќе биде забрането запирање и паркирање на патнички и други моторни возила вклучително и на регионалниот пат Охрид-Св.Наум, во делот кон хотелскиот комплекс „Инекс”.
На овие места, ќе има присуство на полициски службеници кои ќе вршат физичко регулирање на сообраќајот и непречено. движење на возилата со придружба. Покрај овие, предвидени се и други безбедносни мерки на подрачјето со цел, зачувување на стабилната и поволна безбедносна состојба во областа на јавниот ред и мир.
СВР Охрид, апелира до граѓаните, поради огромното значење на фестивалот на домашен и меѓународен план, да покажат разбирање за мерките, да ги почитуваат насоките на полициските службеници и со цел избегнување сообраќаен метеж, доколку немаат итна и неодложна потреба, да се воздржат од користење на своите приватни возила.