Македонската православна црква и нејзините верници денес слават Свети Стефан
Свети Стефан секогаш се слави третиот ден од Божиќ и е една од најголемите слави кај нашиот народ.
Според обичаите, на овој ден се изнесува божиќната слама од домот, која прво внимателно се собира, па се остава во шталата, во овоштарниците или меѓу пчелите за да се поттикне род и напредок.
Во некои краишта, традицијата налага жените да ја изнесат сламата, тивко, за да не се слушне дека заминува Божиќ. Метлата со која ќе ја сметат божиќната слама не се користи во текот на годината, туку се чува за здравје.
На шега се вели дека оваа слава ја држат скржавците, бидејќи ситите гости не можат да јадат и пијат многу по божиќните прослави.
За оваа, како и за другите слави, најважно е да има славска погача на трпезата со икона од светецот Свети Стефан, да гори славската свеќа и во куќата на домаќинот да дојдат неговите најблиски – роднините, кумовите, блиските пријатели. Без нив, ништо од наведеното не би имало смисла.
Кој бил свети Стефан?
Свети Стефан бил Евреин и роднина на апостол Павле. Тој бил првиот од седумте ѓакони кои светите апостоли ги ставиле на служба за да им помагаат на сиромашните во Ерусалим. Затоа се нарекува и архиѓакон.
Со својата вера правел многу чуда меѓу луѓето, а на своите противници им се спротивставувал со мудрост и со силата на Светиот Дух. Бил обвинет за ерес, а со помош на лажни сведоци, бил и осуден.
Светецот му се обраќал на народот и му раскажувал за добрините што Бог ги правел за Израелците, а нив ги нарекувал предавници.
Набрзо потоа го истерале од градот и го каменувале. Меѓу мачителите бил и неговиот роднина Савле, подоцна апостол Павле.
Свети Стефан бил првиот христијанин кој страдал за Господ и затоа се нарекува првомаченик. Еврејскиот кнез Гамалил, инаку потаен христијанин, кришум го зел телото на Свети Стефан и го погребал на својот имот.