Skip to main content
Балкан

Демонстрантите во Истанбул четврта ноќ по ред протестираат против апсењето на градоначалникот Имамоглу

24/03/2025  09:27

Демонстрантите кои се противат на апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, четврта ноќ по ред одржуваат протести во тој град, во Измир и турскиот главен град Анкара.

Некои учесници на протестот нападнаа полицајци, а во Анкара полицаец беше повреден во напад на маскирани лица.

Полицијата пукаше со гумени куршуми кон демонстрантите, јави ТРТ Хабер.

Организатор на протестите е главната турска опозициска Републиканска народна партија (ЦХП).

Имамоглу од притвор ги повика турските граѓани да одржат масовни демонстрации низ целата земја бидејќи е принуден во затвор да чека да почне неговото судење.

Турското Министерство за внатрешни работи соопшти дека Имамоглу е сменет од функцијата откако бил уапсен под обвинение за корупција и тероризам.

Градскиот совет на Истанбул, каде што ЦХП има мнозинство, се очекува да избере вршител на должноста градоначалник во наредните денови.

Имамоглу е клучна опозициска фигура и потенцијален противкандидат на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на претседателските избори.

Тој беше приведен во средата под обвинение за корупција и помагање на терористичка група, но тој ги негираше обвиненијата, нарекувајќи ги „незамислива клевета“.

Турската влада негираше какво било влијание врз апсењето на Имамоглу, наведувајќи дека судството е независно.

Имамоглу (54), кој според некои анкети има поголема поддршка од јавноста од Ердоган, требаше да биде именуван за официјален кандидат на ЦХП на претстојните претседателски избори.