Skip to main content
Македонија

Демант за видеото кое се шири од иницијативата „Кој е следен?“ – Пропагандата нема да нè замолчи!

23/03/2025  14:57


Во изминатите 24 часа на социјалните мрежи и неколку портали беа објавени видео-снимки што имаат за цел да ја дискредитираат иницијативата „Кој е следен?“ преку лажни тврдења и манипулации. Станува збор за видео со монтирано лого и без никаква реална поврзаност со нашето движење.

Ја известуваме јавноста дека нашата иницијатива нема никаква врска со објавените содржини. Не сме дел од никакви студентски организации, разговори или повици за нивно формирање.

Во видеото, името „Кој е следен?“ не се споменува ниту еднаш. Нашето лого е неовластено, аматерски и намерно вметнато – што укажува на тенденциозна манипулација.

„Кој е следен?“ е граѓанска иницијатива. Немаме, ниту ќе имаме, политичка агенда или амбиција да учествуваме во партиски игри. Нашиот револт е автентичен израз на борба за правда, одговорност и достоинствен живот, а не алатка за политички поени.

Јавно ги осудуваме сите обиди за партизација на нашата борба и повикуваме на прекин на медиумските спинови.

Притисоците од лажни профили, пропагандни медиуми и параполициски структури само ја зајакнуваат нашата волја. Нема да молчиме. Нема да дозволиме да се угуши младиот, независен и слободен глас. Нема да дозволиме елитите да продолжат да нè газат.