
Министерството за социјална политика, демографија и млади најостро ги демантира наводите изнесени во јавноста за наводно непостапување по случајот во ЈУМЦСР Тетово. Ваквите обвинувања се целосно неосновани, неточни и спротивни на фактите.
Инспекторите од Инспекциската служба при Министерството за социјална политика, демографија и млади редовно вршат инспекциски надзори од сите видови (редовни, вонредни и контролни) во ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Тетово, како субјект на инспекциски надзор.
Во рамки на овие надзори, меѓу другото, континуирано се врши инспекциски надзор над постапките за остварување на правата од парични давања, и тоа: правото на гарантирана минимална помош, правото на социјална сигурност за старите лица и правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице.
Во спроведените инспекциски надзори (редовни, вонредни и контролни) континуирано се изрекуваат соодветни инспекциски мерки со цел отстранување на констатираните неправилности. По исцрпување на инспекциските мерки, согласно законските одредби, се преземаат мерки за утврдување одговорност и поведување соодветни постапки против сторителите на утврдените повреди, вклучително и поднесување соодветни пријави до надлежните органи. Притоа, поголем дел од кривичните постапки што се водат пред Јавното обвинителство се иницирани од инспекторите од Инспекциската служба при Министерството, самостојно или во соработка со Јавното обвинителство.
Во однос на постапките за остварување на наведените права од социјална заштита, инспекторите за социјална заштита од Секторот за инспекциски надзор во областа на социјалната заштита и заштитата на децата, во ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Тетово, во текот на 2024 година спроведоа два (2) вонредни инспекциски надзори по поднесени иницијативи од граѓани и шест (6) контролни надзори за следење на спроведувањето на инспекциските мерки изречени со решенија од 2023 година, при што беа утврдени неправилности во 76 предмети. Во 2024 година беа донесени и решенија со кои се изречени инспекциски мерки за уште седум (7) предмети.
Во текот на 2025 година е спроведен еден (1) редовен инспекциски надзор со утврдени неправилности во шест (6) предмети, еден (1) вонреден надзор со утврдени неправилности во пет (5) предмети, како и шест (6) контролни надзори со кои е вршен надзор над спроведувањето на инспекциските мерки изречени со решенија донесени во 2024 и 2025 година.
Во рамки на сите спроведени инспекциски надзори утврдени се неправилности во вкупно 94 предмети. Согласно спроведените контролни надзори, констатираните неправилности се отстранети во 88 предмети, по што инспекциската постапка е запрена. Исклучок претставува еден надзор спроведен во 2025 година, во кој се утврдени неправилности во шест (6) предмети, за кои контролниот надзор ќе се спроведе по истекот на рокот утврден за спроведување на инспекциските мерки.
Важно е да се напомене дека во случаи кога инспекторите ќе констатираат неоснована исплата на средства, ги известуваат/задолжуваат надлежните институции, да постапат согласно законските прописи, како и да се преземат мерки за утврдување индивидуална одговорност и поведување соодветни дисциплински, прекршочни или кривични постапки против одговорните лица, во согласност со важечката законска регулатива.
