Skip to main content
Македонија

Деко не знаел за пиротехниката – Секогаш ангажирал пиротехничар, овој пат бил изненаден!

02/12/2025  13:18

„Дејан не договорил, ниту му било кажано дека има интенција да се користи пиротехника. Тој не знаел за тоа.“
Ова е главната теза на одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов – Деко во случајот за трагедијата во „Пулс“. Неговата адвокатка, Ивана Коцевска, пред судскиот совет истакна дека кобната пиротехника била донесена и искористена од музичката група „ДНК“, без знаење и одобрување на сопственикот на дискотеката.

„Точно е дека и претходно се користела пиротехника, но тоа што јавноста не го знае е дека Дејан секогаш ангажирал пиротехничар кој проверувал дали е безбедно. Овој пат, тој не знаел“, нагласи Коцевска, објаснувајќи дека употребата на пиротехника била надвор од контролата на Јованов.

Адвокатката се осврна и на музичката група, користејќи внимателен, но обвинувачки тон: „Сите ние израснавме со ДНК, сите ги сакавме и денес ги сакаме, беа најголеми хуманитарци. Но, за жал, тоа не го побива фактот дека нивната употреба на пиротехника била спротивна на закон.“

„Деко бил во заблуда дека работи законски“

Вториот столб на одбраната е дека Јованов бил уверен оти локалот е безбеден бидејќи институциите молчеле. „Од отворањето на ’Пулс‘, ниту еден службеник не му предочил законски пропуст. Кај Дејан имало заблуда,“ рече Коцевска, додавајќи дека доколку постои вина, таа може да биде само небрежност, а никако умисла, како што тврди обвинителството.

Одбраната исто така приговори на правната квалификација на делото, сметајќи дека е нелогично Обвинителството да го терети Јованов двапати за исто кривично дело – еднаш за пожарот, и еднаш за непочитување на безбедносните мерки во локалот.

Коцевска нагласи дека Дејан секогаш се водел според законските правила, ангажирал професионалци и верувал дека институциите го потврдуваат неговото законско работење. „Секој пропуст што се случил не е резултат на умисла, туку на несреќна комбинација на околности и недоволна контрола од надлежните органи“, рече адвокатката.

Случајот продолжува со сослушување на сведоци и анализа на дополнителни докази, додека одбраната инсистира дека конечната вина на сопственикот не може да се утврди како умислена, туку евентуално како резултат на небрежност.