
Во судницата во Идризово заврши изјаснувањето на обвинетите по однос на вината. Ниту еден од присутните обвинети не призна вина за трагедијата во која загинаа 63 лица, објави 4NEWS.mk
Еве што кажаа клучните фигури пред судскиот совет:
Сопствениците и вработените во „Пулс“:
Првообвинетиот Дејан Јованов – Деко кратко изјави: „Не се чувствувам виновен за кривичното дело кое ми се става на товар“.
Митко Стојанов (поранешен управител) изрази каење, но не и кривична вина: „Жалам за изгубените животи и кога би можел, животот би го дал за некои од нив. Сочувство до семејствата“.
Тодор Јованов (задолжен за влезници ), кој и самиот е родител на повредено дете во пожарот, рече: „На сите оштетени им посакувам брзо опоравување. Како родител на повредено дете изразувам сочувство, но за оваа трагедија не се чувствувам виновен“.
Градоначалниците и политичките фигури: Дел од обвинетите функционери тврдат дека процесот е селективен.
Актуелниот градоначалник Љупчо Папазов беше најотворерн во критиката: „Ова е конструирано обвинение. Разбирам за што сум обвинет, но не може да се избегне впечатокот дека истрагата е селективна“.
Поранешниот директор на ДЗС, Шабан Салиу, изјави дека процесот е „политички мотивиран и правно неоснован“.
Инспекторите и службениците:
Градежниот инспектор Огњан Георгиев рече дека не разбира зошто е таму: „Немам никаква вина и треба да сум ослободен. Обвинет сум само за тука да има повеќе луѓе на број“.
Пазарниот инспектор Весна Кузмановска емотивно посочи: „Дечиња има таму, другари на моите деца… Сочувство, но не чувствувам вина“.
И останатите инспектори и службеници (Љупчо Стаменков, Николчо Гоцев, Зоран Николовски, Беким Максути, Аднан Џафероски) се изјаснија дека не се виновни.
Обезбедувањето („Рубикон“): Вработените во агенцијата за обезбедување тврдат дека тие спасувале животи.
Мартин Ѓорѓиев рече: „Делата кои ми се ставаат на товар не ги прифаќам. Ние како обезбедувачи го ризикувавме нашиот живот за да спасиме што повеќе луѓе“.
Стојанчо Димитријев додаде: „Чувствувам само голема болка и жал што не успеав да спасам многу повеќе“.
Вина негираа и Ивица Грозданов, Јане Јанчевски, како и сопственикот Александар Нацев (чиј предмет беше дополнително споен).

