
Александар Наунов, родител на Надица Наунова, која го загуби животот во трагедијата во клубот „Пулс“, упати остра јавна реакција до адвокатката Ивана Коцевска, отфрлајќи ги нејзините наводи за личен напад и злоупотреба на нејзиниот лик за време на маршот за правда.
Реакцијата доаѓа по јавната изјава на Коцевска, во која таа се пожали дека нејзиниот лик бил искористен на постер и дека била изложена на напади. Наунов нагласува дека семејствата на загинатите деца не нападнале никого лично, туку јавно и достоинствено побарале правда, оценувајќи дека ваквите тврдења претставуваат, како што вели, „потценување на интелигенцијата на јавноста“.
„Кога јавно зборувате за ‘сочувство и емпатија’, мора да ве потсетиме на вашите сопствени зборови во судницата. Рековте дека обвинетиот требало да одговара за ‘небрежност’, дека ‘немал свест’ за обврските и најболната реченица: ‘За вас е тој монструм, за мене е обичен човек’. Тоа не е емпатија. Тоа е суровост“, пишува Наунов во своето обраќање.
Осврнувајќи се на постерот од маршот за правда, тој истакнува дека илустрацијата не била насочена кон конкретна личност и дека многумина можеле да се препознаат во неа, но реагирала само адвокатката. Според него, маршот бил тивок и достоинствен чин на семејствата кои бараат одговорност, а не штрајк или повик против адвокатурата.
Наунов додава дека родителите го почитуваат уставното право на одбрана, но очекувале професионален однос и почит кон нивната болка и траума. Во реакцијата тој ја обвинува Коцевска дека се обидува да ја релативизира вината на обвинетиот, претставувајќи го како лице „без свест“ за своите постапки, иако, како што наведува, доказите упатуваат на сериозни пропусти, игнорирање на безбедносните стандарди и незаконско работење мотивирано од профит.
„Дали бевте свесни колку е сурово тоа за нас родителите, на кои таа вечер децата им беа изгорени, задушени и згмечени?“, прашува Наунов.
Реакцијата завршува со порака дека семејствата на настраданите нема да дозволат вистината да се „разводнува со спинови“ и дека нивната борба за целосна одговорност и правда ќе продолжи.

