
Деца од градинката „13 Ноември“ во Буњаковец, Центар, пред две недели пронашле шприц, а кај родителите постои сомнеж дека некои од нив и се гребнале или боцнале од иглата. Шприцот децата го пронашле и го зеле додека играле во дворот во градинката, притоа го чувале и го давале еден на друг без никој да знае колку време се одвивало сето тоа, пишува А1он.
Очигледно, според зборовите на еден родител, станува збор за употребен шприц со игла фрлен или оставен од некој зависник од дрога. Истиот родител за А1он кажа дека едно од децата го имало пронајдено употребениот шприц и го зело дома, скриен во џебот. И од фотографијата на шприцот видливо е дека е употребуван. Вистинска паника настанала кога не се знаело дали имало или немало игла на шприцот и кој се од децата го чепкал шприцот. Подоцна се утврдило дека имало игла на шприцот и дека децата се гребеле со неа и ја скршиле. Тие сеуште немаат одговори и не им е јасно дали некои од децата се гребнати или боцнати од иглата на шприцот или тоа им е од друга активност.
За А1он, родител тврди дека од градинката им било кажано да молчат и да не говорат во јавноста за случајот, и дека ќе го решеле тие случајот. Дел од родителите се револтирани дека не се обрнувало внимание на нивните деца додека се пуштаат надвор во дворот, а дел барале во вечерните часови да се контролира кој се влегува во дворот на градинката и какви активности се одвиваат.
А1он за одговори ја побарале и директорката на градинката „13 Ноември“, Ружица Биџовска, но единствениот телефон за контакт бил надвор од функција и засега, како што пишуваат, не можеле да ја слушнат нејзината страна на случката и нејзиното размислување.