Во организација на Центарот за развој на медиуми денеска во Скопје ќе се одржи дискусија „Предлози за ревизија на законските одредби за заштита на плурализмот и разновидноста на аудиовизуелните медиумски услуги“.
-Центарот за развој на медиуми континуирано го следи развојот на медиумските политики и медиумското законодавство во Република Македонија и изготвува анализи и документи за јавни политики за идентификување на состојбите и потребите за реформи на медиумското законодавство и законодавството во областа на аудиовизуелните медиумски услуги, велат оттаму.
Сметаат дека досегашните измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за негово усогласување со новата Директива за аудиовизуелни медиумски услуги на ЕУ не се доволни и дека на законодавството му треба поцелосна реформа што ќе обезбеди и негово прилагодување на новите трендови во областа на телевизиското емитување и функционирањето на медиумите воопшто во новото дигитално опкружување.
-Една од тие области е и делот од законот што ги покрива прашањата на заштита на плурализмот и разновидноста на аудиовизуелните медиумски услуги. Тие одредби, што имаа свое место и улога во моментот кога беа воведени во законодавството во 2005 година, но денес се застарени, премногу строги и конзервативни и го спречуваат натамошниот развој на индустријата на аудиовизуелни медиумски услуги. Исто така, како и се останато, и на тие одредби им е потребно усогласување со најновите трендови во денешната ера на забрзана дигитализација и преселба на публиката, а со тоа и на медиумите, на новите платформи на интернет, нагласуваат од Центарот за развој на медиуми.
На настанот како воведничари ќе говорат Столе Наумов, новинар чиј академски интерес е во областа на сопственоста на медиумите и Димитар Мицев, поранешен сопственик и директор на регионалната телевизија „ТВ ВИС“ од Струмица.
Подготовката на овој документ за јавни политики и дискусијата се дел од редовните активности на Центарот на развој на медиуми, со финансиска поддршка од Европскиот фонд за демократија (ЕЕД).