Skip to main content
Македонија

Давкова за изјавата на Фон дер Лајен: На средбата кај мене не стана збор ниту за топка, ниту за двор

04/11/2025  09:41

На средбата кај мене не стана збор ниту за топка, ниту за двор, ниту за игралиште, вака претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја искоментира објавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен која по последната посета на Скопје на Икс платформата напиша: „Следниот и единствен чекор пред отворањето на преговорите е јасен. Треба да ја направите договорената уставна промена. Топката е во вашиот двор. ЕУ е подготвена“.

-Топката е реквизит. Освен во уметничката гимнастика, сам со топка никој не игра. Значи, топката е инструмент за игра. За игра се потребни двајца. Играта секогаш се одвива по точно утврдени правила. Правилата не се менуваат во текот на играта, што ни се случи нам. Е сега, што ако е топката од офсајд или што ако е топката со фаул фрлена во игралиштето? Или, што ако голов е празен, нашиот беше празен, па го полнеа, го полнеа, мрежата се искина. Значи, правилата во играта се однапред утврдени. Тоа е прво. Второ, кога мене ме прашуваат однадвор – дали ќе го смените Уставот, јас не можам таква гаранција да дадам, јас велам не сум јас Јован Безземја, не сум јас апсолутен монарх. Значи, парламентот тоа го прави. А пратениците гласаат по сопствено уверување и ги претставуваат граѓаните, не мене и не ЕУ. Да бидам искрена. Значи кога вие велите сменете го Уставот, професорот во мене вели вака – ‘кога вака ми велите мене, морате да го смените Уставот’, вие ми велите – ‘заборавете на парламентарната демократија, оти таа има неизвесен резултат’… Е сега, тоа е нешто што ме тера на следново. Да подразмислиме, како можело во Преговарачка рамка и во заклучоци да влезат одредби од записник…, рече Сиљановска-Давкова во гостувањето на емисијата 360 степени на МРТ.

Таа потврди дека побарала помош од францускиот претседател Емануал Макрон.

-Нормално, јас барам помош од претседателот Макрон, бидејќи придавкава е француски (предлог). Е па, сега, најдете решение. Јас мислам дека, не знам, дека мора да се најде излезно решение, а како што знаете, Европејците, особено и тие во Европската Унија, многу креативни знаат да бидат кога е потребно, истакна Сиљановска-Давкова.

На прашањето дали нешто во заднина се движи, а јавноста не го гледа, претседателката одговори потврдно.