Skip to main content
Македонија

Давкова се сретнала со Генералниот секретар на Постојаниот арбитражен суд во Хаг, Марцин Цепелак

24/06/2025  15:09

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со Генералниот секретар на Постојаниот арбитражен суд во Хаг, Марцин Цепелак, на којашто претседателката искажа загриженост за актуелната безбедносна состојба во светот и ја истакна потребата од праведен и постојан мир.

Според претседателката, решенијата за денешните предизвици мора да се бараат во рамките на мултилатералниот систем, при што се заложи за зајакнување на улогата на Генералното собрание и преиспитување на механизмите за одлучување на Советот за безбедност.

Во време на зголемени глобални тензии, оцени таа, институциите како Постојаниот арбитражен суд се неопходни за зачувување на меѓународниот мир и стабилност. Таа укажа дека за сите држави, а особено за малите и средните, почитувањето на меѓународното право претставува не само правна обврска, туку и морален императив.

Претседателката ја истакна нашата подготвеност за зајакнување на соработката со ПАС преку потпишување меморандуми за разбирање, развивање партнерство со универзитетите и можности за пракса на младите професионалци во областа на меѓународното право, со што се согласи Генералниот Секретар на судот, Марцин Цепелак.

Тој ја запозна претседателката со историјата на Палатата на мирот во којашто е сместен Постојаниот арбитражен суд, со работата на судот и процедурите на одлучување.