Skip to main content
Свет

Данска воведува задолжителен воен рок за жените, наместо четири, ќе трае 11 месец

26/03/2025  11:44

Данска ќе воведе задолжителен воен рок за жените една година порано од првично планираното – од 1 јули 2025 година, потврди министерот за одбрана Троелс Лунд Поулсен.

Досега жените во данската армија можеа да учествуваат само на доброволна основа, додека мажите се обврзани да служат доколку се извлечени преку еден вид лотариски систем, што се користи во случај на недостиг на волонтери.

-Поради моменталната безбедносна ситуација, вооружените сили мора да привлечат повеќе регрути, рече Поулсен.

Воведувањето на обврската за жените е договорено во соработка со мнозинството парламентарни партии, а новиот правилник предвидува подолг стаж – наместо претходните четири месеци, ќе трае 11 месеци.

-Ова е важен чекор напред кон целосна рамноправност меѓу жените и мажите, рече данскиот министер, а пренесува „Дифенс пост“.

Годишната „лотарија“ сè уште ќе се применува, но само ако не се пријават доволно волонтери во дадена година.

Данска во февруари објави дека во периодот 2026-2027 година ќе инвестира дополнителни 6,8 милијарди евра во одбраната, откако претходната година веќе го зголеми буџетот за одбрана за 5,4 милијарди.

Со овој потег земјата и се приклучи на Норвешка, првата членка на НАТО која во 2015 година воведе задолжителен воен рок за жените, и Шведска, која го врати воениот рок во 2017 година, а исто така го прошири и на жените