
Данското воено раководство потврди дека армијата има јасни инструкции да реагира и да се спротивстави на секоја вооружена интервенција на Гренланд, вклучително и доколку таа дојде од Соединетите Американски Држави, што би значело директен судир меѓу две членки на НАТО. Како што пренесува весникот Berlingske, овие насоки произлегуваат од кралски декрет донесен во 1952 година, во периодот на Студената војна, кој и денес е на сила. Документот налага данските сили да пружат отпор на секој обид за насилно преземање на територијата, без разлика од каде доаѓа заканата. Декретот е донесен со цел да се избегне повторување на сценариото од Втората светска војна, кога Данска беше изненадно окупирана од нацистичка Германија.
Според него, воените единици се должни веднаш да започнат со борбени дејствија доколку данската територија или припадници на армијата бидат нападнати, дури и без официјално објавување војна. Во документот се наведува дека отпорот мора да продолжи и за време на мобилизацијата на дополнителни сили. Полицијата има обврска да ѝ асистира на војската во спречување на внатрешна соработка со непријателот, додека припадниците на гардата се должни веднаш да се стават на располагање. Дополнително, јасно е прецизирано дека данските војници не смеат да извршуваат наредби издадени од власти кои се под контрола или притисок на непријателски сили.
Во меѓувреме, Белата куќа во вторникот повторно порача дека прашањето за Гренланд го смета за дел од националната безбедност на САД, нагласувајќи дека употребата на американската војска „секогаш останува опција“ за врховниот командант.
