
Како на другите делови од телото, влакната се нормална појава и на бенките. Тие не се знак дека бенката е канцерогена. Дали е безбедно да ги отстраните со пинцета? Што друго треба да знаете за оваа појава?
Бенките се мали израстоци на кожата што ги имаат сите луѓе.
Генерално, бенките се безопасни, а во ретки случаи – кога им се менуваат формата, бојата или големината – можат да бидат знак за рак на кожата и препорачливо е да се проверат кај дерматолог.
Но, многу луѓе имаат бенки на кои растат и влакна. Ако првпат ви се појави влакно на бенка, веројатно ќе се прашувате дали е опасно, но и дали е безбедно да го отстраните од естетски причини.
Што треба да знаете за влакната кои растат на бенките?
Зошто растат влакна на бенките?
На нашата кожа има бројни фоликули од кои растат влакна.
Некогаш бенките се појавуваат токму врз овие фоликули. Па, влакното што расте од фоликулата, продира низ бенката.
Некогаш на бенките се појавува по едно влакно, но можат да пораснат и повеќе.
Дали овие влакна се нормални?
Важно е да знаете дека ова е сосема нормална појава.
Во овој случај влакното не расте од бенката, туку од фоликулата – исто како сите влакната нашето тело.
Единствено на многумина им пречат овие влакна од естетски причини, но тоа не значи дека не се нормална појава.
Зошто имаат потемна боја?
Можеби сте забележале дека влакната на бенките имаат потемна боја од околните влакна.
Причината за ова е потемниот пигмент на самата бенка која може да има влијание и врз бојата на влакното.
Па, ако влакното на бенката е потемно, не мора да се грижите бидејќи и тоа е нормално.
Дали бенките со влакна се канцерогени?
Многу луѓе веруваат дека бенките со влакна се канцерогени, но ова не е точно.
Секако, постојат случаи во кои бенката со влакно, како и секоја бенка, може да стане канцерогена, но тогаш ќе забележите промени на неа, како формата или бојата.
Што значи, самото влакно воопшто не е знак дека бенката е или ќе стане канцерогена.
Дали е безбедно да ги отстраните?
Постои верување и дека отстранувањето на влакната од бенките е опасно. Односно дека може да ги направи канцерогени или да предизвика други проблеми. Но, и ова е само мит.
Како што спомнавме, влакното расте од фоликулата, а не од самата бенка.
Поради ова, не е опасно да го отстраните со пинцета.
Ако сепак ви е страв, најдобро одете на дерматолог кој ќе ви помогне да го отстраните влакното.
Што ако ви се појави поткожно влакно на бенка?
Како и на секој дел од кожата, и на бенките можат да се појават поткожни влакна.
Симптомите ќе бидат исти како – малку црвенило, а во некои случаи и болка. Важно е да знаете дека поткожните влакна не се опасни.
Ако имате поткожно влакно на бенката, немојте да пробувате да го извадите од под кожата за да не се повредите.
Во овој случај подобро е да се консултирате со професионалец.
Кога треба да се консултирате со лекар?
Секојпат кога сте загрижени за што било, најдобар совет е да одите на лекар.
Кога станува збор за бенки, препорачливо е да ги проверите ако забележите промени во нивната форма или боја, ако стануваат поголеми или ако стануваат асиметрични.