
На денешниот настан во општина Росоман под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, во рамки на изборната кампања за вториот круг од локалните избори кои ќе се одржат следната недела на 2 ноември, се обрати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Мицкоски на самиот почеток објасни дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ се разликува од останатите претходни влади, и тоа по обезбедувањето на финансиски средства за проекти за сите општини подеднакво, независно од која политичка гарнитура доаѓаат градоначалниците.
„Ние потпишавме договори и обезбедивме финансирање на проекти во вкупна вредност од половина милијарда евра, нешто што досега не е запаметено во независна Македонија, тоа никогаш не го направила ниту една влада во четири години, што ВМРО-ДПМНЕ и оваа Коалиција го направија за 16 месеци. Притоа бевме свесни и не се однесувавме како што се однесуваше претходната влада на СДСМ и ДУИ да бидеме негативни, и да ги казнуваме граѓаните во општините во коишто градоначалникот е од опозицијата напротив, ние сакавме и сакаме и во иднина така ќе се однесуваме како Влада на сите граѓани, без разлика дали во тие општини градоначалникот е од опозицијата или е од Владата“, рече Мицкоски.
Претседателот Мицкоски исто така истакна дека Росоман има градоначалник кој не ја заслужува довербата на граѓаните, и дека треба да се остават во минатото луѓето кои освен ограбување на сопствениот народ, понижување и национално распродавање на Македонија, ништо друго не покажале.
„Но, овде во Росоман имаме градоначалник којшто апсолутно не ја заслужува довербата на граѓаните. Да ги оставиме овие рецидиви на минатото, да ги оставиме на онаа седумгодишна власт којашто ја ограбуваше Македонија, ја понижуваше во минатото. Да излеземе масовно на 2 Ноември и да го дадеме својот глас за бројот 9 и за Ѓорѓи. Втората опција е за излезете и да го дадете својот глас за коалицијата којашто имаше можност седум години да направи нешто за Македонија, како што велат, тие да се борат за својот дом, но освен борба за нивните џебови и ограбување на народот и понижување и национално распродавање на Македонија, ние ништо друго не видовме“, посочи Мицкоски.

