Skip to main content
Скопје

Д-р Трајановски: Нова општинска зграда, кино, театар, затворен базен, катни гаражи и градински се само дел од капиталните проекти за Аеродром – Посебно внимание ќе се посвети на Лисиче!

10/10/2025  09:36

Изградба на две градинки, катни гаражи, кино и театар, како и затворен базен и општинска зграда се дел од капиталните проекти кои ќе го направат Аеродром подобро и модерно место за живеење, истакна денеска во гостување во утринската програма на Сител телевизија кандидатот за градоначалник на Аеродром од СДСМ, Д-р Александар Трајановски.

– „Има неколку капитални проекти кои ги планираме за Аеродором, на пример изградба на две градинки, една во Лисиче, една во Мичурин. Претходната година имаше повеќе од 600 деца на листа на чекање за упис во градинка, замислете каков притисок имаат родителите.

Втор капитален проект е изградба на мултифункционален центар, нешто што Општина со 100.000 жители не е дозволено да нема, кино и театар.

Трета работа е зградата на Општината, не може да немате општинска зграда, ние плаќаме месечни кирии околу 10.000 евра, тоа се 120.000 евра на годишно ниво, пари на граѓаните. Зошто да нема имаме општинска зграда во која би можеле да се сместат и други деловни објекти, која ќе генерира приход.

На Аеродром му фали затворен базен, затворен пазар, знаеме на што личи пазарот зад Бисер. Тоа се проекти на кои ќе дадеме фокус”, истакна Трајановски.

Според него, Општината мора да се фокусира на Лисиче, бидејќи граѓаните таму се соочуваат со проблеми кои не доликуваат на 21 век.

– „Аеродром е урбанистички средена Општина, фокусот треба да го дадеме на Лисиче. Сите претходни избори Лисиче се користи за црпење гласови за ВМРО-ДПМНЕ, а што добија лисичани? Секој дожд им тече во подрумите, затоа Лисиче мора да се урбанизира, а делот кој е среден треба да се одржува. Треба да запре изградбата на згради, каде може да се изградат катни гаражи, имаме план за изградба на две катни гаражи, да се види каде може да се изградат монтажни паркинзи, објасни Трајановски.