Skip to main content
Балкан

Д-р Ѓуро Мацут е предлогот на Вучич за нов премиер на Србија

06/04/2025  20:11

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, го номинира професорот д-р Ѓуро Мацут за мандатар на новата српска влада. Одлуката, потпишана од шефот на државата, ќе стапи во сила со нејзиното објавување во Службен весник.

„На Народното собрание на Република Србија му го предлагам за кандидат за премиер професорот д-р Ѓуро Мацут“, се наведува во официјалниот документ.

Вучиќ изјави дека Мацут ги поседува неопходните професионални и лични квалитети, како и стручност и посветеност за вршење на функцијата премиер. Додаде и дека кандидатот го уверил оти може да обезбеди парламентарно мнозинство за формирање на новата влада.

Според најавата, изборот на новата влада ќе се случи најдоцна до Велики петок. Вучиќ посочи дека пред новиот кабинет претстојат бројни предизвици – отпор кон надворешни притисоци во регионалната политика, решавање на отворени прашања со САД, забрзување на евроинтеграциите, одржување на стратешките односи со традиционалните партнери од Истокот, како и поттикнување на домашни и странски инвестиции.

„Голема задача на новата влада ќе биде зачувување на мирот и стабилноста, толерантен и трпелив однос кон сите предизвици и јасна фокусираност на иднината. Целта ни е Србија повторно да застане на победничкиот пат и до крајот на годината да биде најбрзо растечка економија во регионот“, изјави Вучиќ.

Тој додаде дека Владата под водство на Мацут ќе продолжи со имплементација на политики насочени кон подобрување на животниот стандард, како и развој на здравството, образованието, науката, технологијата, енергетиката, земјоделството, екологијата, туризмот и инфраструктурата.