
Појавата на наслови за „смртоносниот вирус нипа“ во Индија предизвика загриженост во јавноста, но според анализата на д-р Драган Даниловски, станува збор за класичен пример на медиумски сензационализам кој не се темели на реална проценка на ризикот. Тој укажува дека дел од објавите со „црвени аларми“ и драматични најави имаат за цел да привлечат внимание, а не да информираат.
Фактите, според Даниловски, се јасни: во индиската држава Западен Бенгал се регистрирани пет потврдени случаи на вирусот нипа, меѓу кои и двајца здравствени работници. Сите лица што биле во близок контакт со заразените – околу 200 – биле следени, тестирани и резултатите биле негативни. Индиските здравствени власти нагласуваат дека состојбата е под контрола, со спроведени мерки за изолација, надзор и лабораториско тестирање.
Вирусот нипа е зоонозен вирус кој природно циркулира кај животни, најчесто овошни лилјаци, а може да се пренесе на луѓе преку директен контакт со инфицирани животни, контаминирана храна или, поретко, од човек на човек при близок контакт. Клиничката слика може да варира од лесни, гриполики симптоми, до тешки респираторни заболувања и воспаление на мозокот, што во одредени епидемии имало сериозни последици.
Иако за вирусот нипа не постои широко достапна вакцина или специфичен лек, поради што е вклучен на листата на приоритетни патогени на Светската здравствена организација, Даниловски потенцира дека тоа не значи непосредна закана за Македонија. Во последните 25 години, вирусот е регистриран претежно во делови од Југоисточна Азија и епидемиите биле локализирани и успешно контролирани, без брзо ширење преку граници.
За вирусот воопшто да се појави во Македонија, би било потребно лице кое било изложено на вирусот во ризичен регион и кај кое симптомите би се развиле по враќањето. Таков случај, според Даниловски, лесно може да биде идентификуван преку здравствен надзор, тестиран и изолиран. Дури и во таков сценарио, ризикот од ширење во општата популација е мал, бидејќи преносот бара интензивен и близок контакт, најчесто во домашни или здравствени услови без соодветна заштита.
Тој смета дека станува збор за ситуација во која е потребна разумна подготвеност и прецизна комуникација, но не и паника. Повторното воведување здравствени проверки на границите во земји како Тајланд и Тајван, инспирирано од искуствата со ковид-19, го оценува како претпазлива и разумна мерка, а не како најава за неизбежна пандемија.
За граѓаните, пораката е јасна: доволни се стандардни хигиенски навики, избегнување близок контакт со лица со тешки акутни симптоми и следење на официјалните здравствени препораки. Д-р Даниловски предупредува дека сензационализмот не смее да ја замени рационалната проценка на ризикот и дека комуникацијата за јавното здравје мора да биде базирана на факти, а не на страв.
Во однос на институциите, тој нагласува дека нема потреба од нови, вонредни протоколи. Доволно е потсетување на здравствените установи за значењето на епидемиолошката анамнеза, почитување на стандардните мерки за инфекциска контрола, добра координација меѓу лабораториите и клиниките и редовна размена на информации меѓу Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и здравствените установи. Доколку се појави сомнителен случај, комуникацијата со јавноста, како што порачува Даниловски, мора да биде брза, транспарентна и јасна – што значи, а што не значи тоа за граѓаните.
