Skip to main content
Скопје

ЦУК: Состанокот на Кризниот штаб во Општина Сарај, погодени над 30 домаќинства

15/02/2026  21:57

Директорот на Центар за управување со кризи, Мухамед Али, вечерва присуствуваше на состанокот на Кризниот штаб во Општина Сарај, заедно со градоначалникот Мухамед Елмази и членовите на Штабот, на кој, како што информираат била направена детална анализа на состојбата по обилните врнежи од дожд и поплавите што зафатија повеќе населени места во општината.

Според информациите од терен, над 30 домаќинства беа погодени, при што службите интервенираа навремено, координирано и со засилен ангажман, а зафатените објекти се целосно расчистени. Али ја нагласи важноста од брзата реакција, институционалната координација и постојаната комуникација со локалната самоуправа за заштита на граѓаните и нивниот имот.

Исто така, беа дефинирани конкретни чекори за целосна санација на штетите, поддршка на погодените семејства и превентивни мерки за намалување на ризиците од слични појави во иднина. Надлежните институции остануваат во целосна подготвеност и ќе продолжат навремено да ја информираат јавноста за сите активности, информираат од ЦУК.