
Во Охрид и околината, поради обилните врнежи од дожд, има поплавени подруми, дворови и неколку објекти во градот. Некои водотеци се излеани, а локалната самоуправа и кризниот штаб се на терен, додека екипите на ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ интервенираат и ја отстрануваат водата, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Како што посочуваат, во Кичево и околните населби се појавува вода во подрумските простории и на дел од површините.
– Дел од граѓаните се евакуирани и сместени во привремени објекти со обезбедена храна и здравствена заштита. Поплави се забележуваат на одредени водотеци и земјоделско земјиште. Општината и Црвен крст Кичево обезбедуваат сместување, храна и лекови, додека ЈП „Комуналец“ интервенира на локациите со излеана вода, а екипи на итната медицинска помош ја обезбедуваат здравствената заштита на евакуираните лица – соопшти ЦУК.
Во регионот на Битола, додаваат, зголемен е водостојот на локалните реки со појави на локални излевања, при што се поплавени куќи, дворишта и дел од земјоделските површини. Механизацијата на општините е на терен за санација на штетите, а Кризниот штаб организира приоритети за дејствување на екипите кои се на терен.
-Во Тетово и околината има пријави за уривање на потпорни ѕидови и локални излевања на водотеци. Полициските службеници извршуваат увид на местата со уривање на ѕидови, додека механизацијата на општината интервенира за расчистување на свлечишта и санација на штети – посочи ЦУК.
Во Гостивар и околината, како што велат, се регистрирани поплави на локални патни правци и во неколку населени места. Екипите на ЈП „Комуналец“ интервенираат на локациите со поплавена инфраструктура, а механизацијата од Водостопанство излегува на терен за чистење на свлечишта и санација на штети.
