
Црвениот тепих од скалите на зградата каде што се одржува Канскиот филмски фестивал се менуваше секој ден од 13 до 24 мај, се додека траеше настанот, а сега се продава по цена од едно евро за килограм.
Тон и пол црвен синтетички материјал, по кој годинава газеа бројни ѕвезди на светската кинематографија, добива нов живот во Марсеј – во рацете на стилисти, за потребите на театарски трупи или модни ревии, пишува францускиот весник „ Фигаро“.
„Го продаваме како „едноставен, фин црвен тепих“, а не како „Кански тепих“, објасни Жан Ре, координаторка на здружението „Réserve des Arts“, кое рециклира отпад за креативни цели.
„Не ја продаваме оваа ткаенина за маркетиншки цели, бидејќи и онака ќе се продава по иста цена. Целта е да им биде достапна на што е можно повеќе членови“, додаде таа.
„Од теписите во Кан правиме класични чанти, но и торби за шишиња вино, капи, футроли за очила – доста уникатни парчиња“, објасни Елса Рамуни-Јордикијан, од здружението „Réserve des Arts“ и секретар на здружението „Les Nippones“, која повеќе од четири години користи делови од познатиот тепих за рециклирање.