
Центарот за истражување, транспарентност и одговорност – ЦРТА оцени дека изборите во Заечар и Косјериќ во Србија се одржаа во исклучително неправедни и неслободни услови, а атмосферата на изборниот ден „потсетуваше на опсадна состојба“. Набљудувачите на ЦРТА го следеа работењето на изборната администрација и кампањата уште од распишувањето на изборите. На изборниот ден над 400 набљудувачи беа распоредени на и пред избирачките места, како и во мобилни тимови. Покриени беа сите избирачки места — 29 во Косјериќ и 69 во Зајечар.

Набљудувачите ги следеа настаните од моментот на подготовка и отворање на местата, преку процесот на гласање, пребројувањето, сè до објавување на Записникот за работа на влезот од местото.
„Предизборната кампања беше обележана со системски институционални притисоци, како и со медиумско и физичко насилство, што доведе до ден на гласање исполнет со страв и вознемиреност кај граѓаните на овие две локални заедници. Изборниот ден во Косјериќ не беше ни слободен, ни праведен, додека во Зајечар резултатот не ја одразува волјата на граѓаните бидејќи на дури 19% од избирачките места беа забележани тешки форми на неправилности“, истакнува ЦРТА.
Излезноста и во двата града беше рекордно висока; во Косјериќ излегоа 84,2%, а во Зајечар 63,6% од запишаните избирачи. Изборниот ден и во двата града, велат од центарот, помина со изразено присуство на полиција, но и на цивили со нејасни овластувања, од кои многумина со својот изглед и однесување оставаа впечаток на „насилници“.
„Хроничната неказнивост за претходните изборни злоупотреби го урна довербата на граѓаните во интегритетот на процесот, што доведе до силно присуство на самоорганизирани граѓани во Косјериќ и Зајечар, со намера да спречат можни изборни манипулации“, раскажуваат оттаму.
Изборната кампања почна во период кога тензиите во општеството достигнаа врв. Станува збор за избори распишани во атмосфера на општествена мобилизација што, според ЦРТА, може да се нарече историска, како резултат на падот на покривната конструкција во Нови Сад и смртта на 16 граѓани, што предизвика студентски и граѓански протести кои не престануваат веќе повеќе од половина година.
„Протестите доведоа до поефективна организација на граѓаните во локалните заедници и создавање посериозна опозиција, што ја принуди власта — и локалната и националната — да прибегне кон засилена мобилизација, злоупотреба на државни и јавни ресурси, како и други методи на изборна измама. Притисокот од власта врз граѓаните на Заечар (47.353 избирачи) и Косјериќ (8.897 избирачи) премина од ‘нормализирани’ практики на изборна корупција и притисоци во пораст на вербално и физичко насилство на терен непосредно пред изборниот ден“, посочуваат од граѓанската организација.
Како што велат тие, различни механизми на контрола и притисоци врз гласачите, заедно со манипулации што се вкоренија поради неказнивост во текот на претходните изборни циклуси, го обележаа 8 јуни — денот на изборите во Косјериќ и Зајечар.
„Обележјата на кампањата — од тензии и притисоци, преку злоупотреба на институции и јавни ресурси, изборен инжењеринг, агресивно спојување на државата, партијата и претседателот во еден ентитет, до нормализација на сè поголемо насилство — јасно укажуваа дека и денот на гласање ќе помине во запаллива и опресивна атмосфера“, додаваат од ЦРТА.
Според прелиминарната анализа на набљудувачката мисија на центарот, во текот на изборниот ден, на 86% од избирачките места во Зајечар и на 55% од местата во Косјериќ биле забележани поединечни случаи на неправилности. Тие во Косјериќ регистрирале 20 различни типови инциденти.
„Најчеста беше појавата на сомнителни автомобили што кружат околу избирачките места (40%). На секое петто место неправилно беа користени лампа и спреј. На по 14% од местата гласачите не гласаа лично, се водеше паралелна евиденција, и беа фотографирани гласачки ливчиња. На 14% од местата беше забележано сомнително собирање на луѓе, што укажува на можна изборна корупција. Незаконско присуство на трети лица беше регистрирано на 10% од избирачките места“, појаснуваат набљудувачите.
Од ЦРТА пријавиле до полицијата дека нивни набљудувачи во Косјериќ добивале закани и биле изложени на провокации, вклучувајќи вознемирување и заплашување преку телефонски повици. На секое четврто избирачко место во Косјериќ биле забележани најмалку четири различни типа инциденти.
На пример, на избирачко место 18: „Куќата се наоѓа 600 м од избирачките места 3 и 18. Во таа куќа луѓе постојано влегуваат и излегуваат, не е јасно кои се гласачи, а кои ‘насилници’, циркулацијата е голема и не може да се процени со сигурност“, стои во еден извештај.
Според ЦРТА, од истото место претходно биле пријавени закани со физичко насилство и вознемирувачки анонимни повици. Претпладне имало интензивно доведување гласачи и сомнително собирање. Подоцна, набљудувач забележал дека избирачкиот одбор намерно погрешно проверува дали гласачот веќе гласал — лампата се користела на надворешната страна од показалецот, а спрејот се нанесувал на долната страна од раката, со што се овозможувало повеќекратно гласање.
Во Заечар, пак, наведуваат, биле забележани 32 типа инциденти. Најчести исто така биле сомнителни автомобили (36%), фотографирање ливчиња зад параванот (33%), водење паралелна евиденција (26%), некористење на УВ лампа или спреј (22%). На 16% од местата се водела паралелна евиденција за организирано гласање. На по 14% имало гласање без валиден документ и случаи кога гласачи не биле на списокот. На 12% од местата имало закани и притисоци врз набљудувачите на ЦРТА. На 7% било забележано сомнително собирање и незаконско присуство на трети лица.
„На секое трето избирачко место во Зајечар биле забележани најмалку четири типа инциденти, а на некои дури девет. На пример, на избирачко место 13, набљудувачите на ЦРТА биле под притисок уште од почетокот на денот од страна на претседателот на одборот, кој им оневозможувал увид и прибирање податоци. Надвор од местото, биле забележани активности што укажуваат на купување гласови. Имало смена на повеќе возила во интеракција со гласачи, се забележала размена на пари, и комбиња во кои неколку лица воделе паралелна евиденција и собирале лични карти. Организирано биле доведувани дезориентирани гласачи, некои од нив против своја волја“, пишува во соопштението.
ЦРТА пријавила до полицијата три случаи на купување гласови во Зајечар.