
Сериозна сообраќајна несреќа го вознемири попладнето во скопската општина Кисела Вода. На булеварот „Борис Трајковски“ се судрија најмалку две возила, при што едно од нив марка „БМВ“ остана без задна гума од силината на ударот.
Сцената на местото на несреќата наликуваше на вистински хаос – расфрлани делови од возилата по коловозот, оштетени автомобили и отежнат сообраќај во двата правци.
Засега нема официјални информации за состојбата на возачите и можните патници. Полицијата е на терен и го обезбедува местото, додека се врши увид за утврдување на причините за несреќата.
Жителите од овој дел на градот реагираат дека булеварот „Борис Трајковски“ одамна е познат како црна точка, каде често се вози со прекумерна брзина и се игнорира сообраќајната сигнализација. Тие бараат засилени контроли и дополнителни безбедносни мерки пред да се случи поголема трагедија.

