
Ситуацијата со пожарот на планината Ловќен во јужна Црна Гора се подобри по интервенцијата на пожарникарите од Цетиње и Котор, кои минатата ноќ останаа на терен, изјави началникот на Службата за заштита и спасување, Милош Чечановиќ.
„Монтираме резервоар за вода и очекуваме хеликоптер да пристигне за да го изгасне пожарот“, изјави Чечановиќ утрово за порталот на РТЦГ. Според него, ноќта била напорна, но со помош од колегите од Котор ситуацијата е ставена под контрола.
Во вчерашната операција учествувале две специјализирани возила со десет пожарникари од Цетиње, како и 12 пожарникари од Котор со четири возила.
Пожарот започнал покрај магистралниот пат кон Котор, зафаќајќи ниска вегетација, а силниот ветер дополнително го отежнал гаснењето.
Чечановиќ додаде дека е активен и друг пожар во Очиниќи, во јужниот дел на земјата, и дека се очекува воздушна поддршка од Дирекцијата за вонредни ситуации.
Во меѓувреме, Радио-телевизија Никшиќ јави дека еден пожарникар е повреден за време на интервенција во градот Грахово, каде што е вклучено и хеликоптерско одделение.
Институтот за хидрометеорологија и сеизмологија на Црна Гора предупреди дека топлотниот бран ќе продолжи најмалку уште два дена, со температури над 40 степени, поради пристигнување на уште потопол воздух од централниот Медитеран.