Skip to main content
Македонија

Циклон од Медитеранот ни носи нови обилни дождови и снег на планините

24/11/2025  15:09

Под влијание на циклонска активност со центар над Медитеранот, почнувајќи од утре (Вторник 25 ноември) особено навечер и ноќта кон среда па се до сабота претпладне вцо нашата Република Македонија ќе имаме нови обилни врнежи од дожд проследени со повремено засилен ветер од јужен правец. На планините над 1500 метри надморска височина повремено врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег.

Овој циклон на многу места ќе донесе ново големо количество на воден талог (над 30 литри дожд) а значително поголемо количество на врнежи повторно ќе наврне во западните и во југозападните предели (локално над 70 литри дожд).

И во Скопје и околината за време на оваа циклонска активност од Медитеранот ќе има врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни и поројни и проследени со засилен ветер од јужен правец. Во делови од котлината ќе наврне значително количество на дожд (над 30 литри дожд). Што се однесува до температурите тие ќе се искачуваат во интервалот од 6 до 14 степени а во Скопје и околината таа ќе се искачи до околу 10 степени.

Поради очекуваните нови обилни дождови апелирам особено возачите да бидат крајно внимателни и да не се движат покрај водотеците и тоа поради можноста за ново зголемување на нивоата на реките и на езерата во нашата Македонија а исто така можни се и нови поплавувања.