
Царинските службеници на пристаништето Бургас, Бугарија, на 21 март открија повеќе од 40 килограми кокаин во ладилен контејнер со банани, пристигнат од Еквадор. Запленетата дрога, чија вредност се проценува на околу 19 милиони лева, била вешто скриена во природните шуплини на разладните единици.
Примател на пратката се бугарски компании чија основна дејност е трговија со овошје. Според изјавата на Иван Соколов, раководител на Секторот за трговија со дрога при пристаништето Бургас, овој вид пратки често се предмет на детални контроли, вклучително и физички и рендгенски прегледи.
Ова не е прв ваков случај во Бургас. Пред околу една година, во сличен ладилен контејнер со банани, цариниците пронашле 170 килограми кокаин, а примателот бил ист како и кај пратката од 21 март годинава.
Од почетокот на 2025 година, царинските служби во Бургас заплениле околу 200 килограми дрога, што укажува на континуиран обид за нелегален транспорт преку пристаништето. За споредба, во текот на целата 2024 година, запленетите количини на дрога изнесувале околу 2 тона.
Истражните органи продолжуваат со детална анализа на случајот, а се разгледуваат и можни врски меѓу криминалните групи што стојат зад овие шверцерски канали.