Skip to main content
Свет

Чоколадата станува луксуз во Европа

14/02/2026  21:28

Цената на чоколадата во Европа значително расте, а причините одат подалеку од инфлацијата. Во Европската унија лани чоколадата беше меѓу производите со најголемо поскапување – со раст од речиси 18 проценти, додека во одделни земји зголемувањето достигна околу 15 проценти. Експертите предупредуваат дека трендот ќе продолжи поради долготрајната криза на пазарот на какао.

Од 2022 година цената на какаото во Европа е речиси тројно зголемена. Производството во Западна Африка, особено во Гана и Брег на Слоновата Коска, е силно погодено од суши и нестабилни временски услови, што ја намалува понудата и ги турка цените нагоре.

Паралелно, се менува и составот на производите. На пазарот има сè повеќе чоколади со полнења и додатоци, додека процентот на какао често е намален. Производителите на тој начин се обидуваат да ги ублажат трошоците, па чоколадите со висок удел на какао стануваат сè поскап и речиси луксузен производ.

Индустријата тестира нови решенија, вклучително и лабораториски одгледувани сорти на какао отпорни на климатски промени, но засега нема конкретни резултати. Сличен притисок трпи и пазарот на кафе, што дополнително сигнализира дека омилените производи на потрошувачите би можеле уште да поскапуваат во наредните години.