Skip to main content
Свет

Членки на ЕУ во „офанзива“ против руските енергенси 

14/01/2025  12:27

Земји членки на ЕУ покренаа иницијативи за преземање мерки за намалување на профитите на Русија од извозот на енергенси, со што, според нив, дополнително би се ограничиле нејзините извори за финансирање на војната во Украина.

Данска, Естонија, Летонија, Литванија, Финска и Шведска во писмо упатено до Европската комисија предлагаат дополнително намалување на максималната дозволена цена за увоз на руска нафта. Според правилата поставени од Г7, западните компании можат да набавуваат руска нафта по цена до максимално утврдената од 60 долари за барел. Во писмото на шесте балтички земји се нагласува дека е потребно „понатамошно зголемување на влијанието на европските санкции“ со намалување на максимално утврдената цена за увоз на руска нафта.

Г7 го воведе оваа ограничување за да ги намали приходите на Москва од извозот на нафта, но при утврдување на висината на цената на рускиот енергенс се водеше сметка за задржување на стабилноста на глобалните енергетски пазари. Ваквото ограничување беше воведено врз основа на прогнозите дека во 2025 година ќе има глобален суфицит на понудата на нафта и како привремено решение до евентуално осмислување на построги мерки.

Шесте земји членки на ЕУ сега наведуваат дека со нивниот предлог дополнително ќе се намалат руските приходи, а нема да се предизвикаат „значителни нарушувања“ на глобалните нафтени пазари. Според нив, меѓународниот пазар на нафта моментно е добро снабден, со што нема значителен ризик од пазарен шок поради намалувањето на лимитот цената на рускиот енергенс.

Енергетски експерти посочуваат дека западните санкции, но и нападите на украинските дронови веќе го нарушија производството на нафта во Русија, а три рафинериите во реонот на Црното Море запреа со работа или работат со намален капацитет. Според експертите, ова, заедно со ограничениот капацитет за складирање, ја принуди Русија да продава нафта на други земји со попусти и по пониски цени и да прифаќа повисоки каматни стапки, што дополнително ги оптоварува капацитетите на рускиот нафтен сектор.

Овие земји членки на ЕУ, заедно со Ирска, Полска, Романија и Чешка, побараа од ЕК да воведе и целосна забрана за увоз на обичен гас и течен природен гас (ЛНГ) од Русија.

 – Како крајна цел, неопходно е да се забрани увозот на руски гас и ЛНГ што е можно поскоро, се наведува во документот инициран од десетте земји.

Ваквиот предлог доаѓа во време кога Европската комисија работи на подготовка на 16-от пакет санкции кон Русија, кој би требало да биде објавен во пресрет на третата годишнина од руската агресија врз Украина, што започна во февруари 2022 година. ЕУ досега го забрани увозот на руски гас по морски пат, но и натаму овозможува негова дистрибуција преку системот на гасоводи до земјите членки, кои и натаму се зависни од него.

Со новата иницијатива се бара целосен прекин на дистрибуцијата на гасот преку гасоводите, како и забрана за пристап на руските танкери за ЛНГ во ЕУ. Предлагачите наведуваат дека на овој начин дополнително ќе се намалат приходите на Москва, како и дека иницијативата оди во прилог на плановите на ЕУ за целосен прекин на употребата на руски фосилни горива во перспектива. Но, за воведување на ваквата забрана ќе биде потребен консензус од страна на земјите на ЕУ, што засега е тешко веројатно да биде постигнат, од причина што некои членки, како Словачка, Унгарија и Бугарија и натаму се зависни од рускиот гас.