Skip to main content
Балкан

Четврто гласање за претседател на Грција – Тасулас најверојатно денеска ќе биде избран за шеф на државата

12/02/2025  08:50

Пратениците во грчкиот Парламент претпладнево по четврти пат ќе гласаат за претседател на Грција, а со оглед на тоа што на денешното гласање потребно е еден од кандидатите да добие најмалку 151 глас и со фактот што поранешниот собраниски спикер и кандидат од Нова демократија Константинос Тасулас при првите три гласања доби 160 гласа, очекувањата се дека денеска ќе биде избран за шеф на државата, јави дописничката на МИА од Атина.

Првпат по над 30 години предложени се четворица кандидати, до неодамна претседателот на Парламентот Константинос Тасулас, како предлог од владејачката Нова демократија, поранешниот министер Тасос Јаницис предложен од ПАСОК, поранешната пратеничка и министерка од ПАСОК Лука Кацели предлог од СИРИЗА и писателот Костас Кирјаку предложен од партијата Победа. 

При првите две гласања одржани на 25 и 31 јануари неопходно беше двотретински мнозинство за да се избере претседател, односно 200 од 300 пратеници, а на третото одржано минатиот четврток потребни беа три петтини односно 180 гласови „за“.

На трите гласања резултатите беа идентични за сите кандидати.

Поконкретно, Тасулас на сите гласања доби 160 гласа, за Кацели гласаа истите 40 пратеници, Јаницис и на трите гласања доби 34 гласа, додека за Кирјаку гласаа 14 пратеници.

При првото гласање воздржани беа 49, а при второто и третото 52 пратеници.

Гласањето е јавно со прозивање на секој од пратениците кои имаат две опции: или да одберат еден од кандидатите или да изјават дека се воздржани.

Согласно грчкиот Устав, претседателот го одбира Парламентот и предвидени се најмногу пет гласања, доколку при првото не се постигне потребното двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници, односно најмалку 200 гласа, по пет дена ќе се одржи второто гласање и доколку и тогаш не се постигне потребното двотретинско мнозинство, ќе се одржи и трето на кое ќе бидат потребни три петтини од вкупниот број гласови, односно поддршка од 180 од вкупно 300 пратеници.

Доколку ниту еден од кандидатите не добие ни 180 пратеници, следи и четврто гласање, повторно по пет дена, кога потребно е мнозинство од вкупниот број пратеници, односно најмалку 151 глас.

Веројатно е дека денешното ќе биде и последно гласање, со оглед на тоа што кандидатот од Нова демократија Тасулас има поддршка од целата пратеничка група на владејачката партија, кои се вкупно 156 пратеници, а на претходните три гласања беше поддржан и од четворица независни пратници меѓу кои и Андонис Самарас и Мариос Салмас, кои до неодамна беа дел од Нова демократија.

Петгодишниот мандат на актуелната претседателка Катерина Сакеларопулу завршува на 13 март годинава.