
Скопското обвинителство отвори истрага против четири луѓе и една фирма поради загрозување на животната средина, поврзани со пожарот кој на 13 септември зафати фабрика за електронски отпад во Трубарево.
Наведените се сомничат дека на парцела во Трубарево непрописно складирале електронски отпад, батерии, акумулатори и тонери, со што сериозно ги загадувале почвата и воздухот, со што го довеле во опасност здравјето на луѓето.
Според Обвинителството, главен осомничен е човек кој, иако формално не бил управител, реално го водел работењето на фирмата. Тој заедно со неговата ќерка која била управителка на хартија и уште двајца соработници, организирал собирање, складирање и обработка на отпадот спротивно на законот.
„Тој и неговата ќерка, како соизвршители кои постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на прописите за заштита на животната средина вршеле повеќекратно оставање, фрлање, собирање и транспортирање на една или повеќе поврзани пратки од отпадоци и остатоци од електронска и електрична опрема, отпадни батерии и акумулатори и отпадни тонери, како опасен отпад. Отпадот го складирале на катастарска парцела во Трубарево и со тоа предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата и воздухот односно предизвикале опасност за животот и здравјето на луѓето во поголеми размери“, соопштија од Обвинителството.
Третиот осомничен е раководител на подружница и постапувал по насоките на првоосомничениот и задавал работни задачи на вработените при складирањето и обработката на електричниот отпад.
Четвртиот и последен осомничен, иако не бил формално вработен во фирмата, го примал, складирал, сортирал и механички обработувал електричниот отпад надвор од објектите за кои била издадена дозвола за управување со отпад.
Пожарот во Трубарево избувна во саботата на 13 септември околу 14 часот во складиште за рециклирање електронски отпад, а како што велат од Обвинителството, во воздухот се ослободиле токсични гасови, чад и пепел и според мерењата на Армијата и Инспекторатот за животна средина, била потврдена висока загаденост на воздухот.
Претходно, Обвинителството побара 48-часовно продолжување на притворот на четворицата осомничени, а сега, поради тежината на делото, побаран е притвор за првиот осомничен, додека пак за останатите тројца е побаран куќен притвор. Се проверува и одговорноста на други лица.